Зеленски: Трамп е непредвидлив - може да биде клуч за мирот во Украина

 


Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека непредвидливоста на Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата во Белата куќа на 20 јануари, може да помогне да се стави крај на војната во Украина.

„Трамп може да биде одлучувачки во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме Путин. Тој е многу силен и непредвидлив“, рече Зеленски во телевизиско интервју, оценувајќи дека новоизбраниот американски претседател „навистина сака да стави крај на војната“.

„Навистина посакувам непредвидливоста на претседателот Трамп да важи и за Русија“, додаде тој.

Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ги буди надежите во Киев за одлучувачки одлуки по речиси три години војна, но и стравувањата дека американската воена и финансиска помош, која републиканецот често ја критикуваше, може да се намали.

Зеленски долго време одбиваше да преговара за крај на војната со Путин, но неодамна го омекна својот став, согласувајќи се привремено да се откаже од обидот да ја ослободи целата територија окупирана од Москва во замена за безбедносни гаранции на НАТО и поголема помош во оружје.

Во четвртокот, тој оцени дека безбедносните гаранции за Украина кои не ги вклучуваат САД ќе бидат „слаби гаранции“.

Неколку европски земји, вклучително и Франција, изнесоа идеја за можно распоредување на воен контингент во Украина во случај на мировен договор, но Зеленски нагласи дека таквата иницијатива не смее да го замени пристапот на Украина во НАТО.

03.01.2025 - 08:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега