Зголемен број на случаи на грип во последната недела
Во текот на 51. недела од 2024 година, од 16 до 22 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 139 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грип, 17,8 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен утрово.
Деведесет и пет лица се на возраст од 15 до 64 години. Дваесет и четири се деца на возраст од пет до 14 години, 12 на возраст до четири години. Осум лица се на возраст над 65 години. Највисока инциденца (12,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст до четири години.
- Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар - 42, Гостивар - 33, Куманово - 22, Тетово - 15, а во Прилеп, Скопје, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Македонски Брод, Струмица, Битола, Свети Николе, Кратово и Штип, бројот на заболени е еднаков или помал на пет. Во 14 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во Гостивар - сезонска, а во Дебар - средна активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.
Во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип - заболувања слични на грип, изнесува 799, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е намален за 10,2 отсто.
Заклучно со 51. недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.125 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа