Жителите го блокираа патот Дебар-Маврово: Немаат доволно вода за пиење

 

Незадоволни и револтирани од, како што рекоа, нерешавањето на проблемот со недостигот на вода за пиење, попладнево жителите на село Долно Косоврасти, Дебарско, одржаа мирен протест и половина час го блокираа сообраќајот на патниот правец Дебар-Маврово, делница Дебар- Бошков Мост.

-Повеќе не се издржува. Проблемот со прекини во снабдувањето со вода за пиење е присутен со години ама сега речиси еден месец поголем број од дел од жителите во селото немаат пристап до вода, а другиот дел имаат вода, но со намален притисок што не е доволно за основни хигиенски потреби, се пожалија учесниците на протестот.

Велат дека жители кои се соочуваат со овој проблем повеќе пати се обраќале до раководството на ЈКП „Стандард“ – Дебар, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, од кој со вода се снабдува и Косоврасти, но „за жал од таму нема слух за решавање на проблемот“.

-Се обративме и до Државниот комунален инспекторат – Скопје, а потоа по нивни насоки и до комуналниот инспектор во Дебар – Алтин Фетаху пред една недела, но за жал проблемот сè уште е присутен. Доколку и по денешното предупредување не се стори ништо ако е потребно ќе поднесеме колективна тужба и ќе ги радкализираме протестите, велат дел од стотината насобрани граѓани.

Додаваат дека според Законот за води, секое комунално претпријатие кое стопанисува со вода е должно во рок од 12 часа да обезбеди вода за пиење и за други неопходни потреби, а во „нашиов случај речиси  еден месец ни е прекршено основното човеково право гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија“. Од таа причина тие испратиле пријава и до Народниот правобранител на Република Северна Македонија.

04.01.2023 - 17:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега