Живее од инвалидска пензија во Кочани, но е подготвен да смести настрадани од земјотресите: Човек сум и знам што е мака
Живее од инвалидска пензија, но сепак, кат од куќата во која живее и викендичката во Стење е подготвен да ги отстапи на семејства погодени од земјотресите во Турција и Сирија. Благојчо Ѓоргиев, лице со инвалидитет, го привлече вниманието на македонската јавност откако упати јавен повик дека тој и неговата сопруга се подготвени да обезбедат сместување за фамилии од погодените подрачја. Тој за себе вели: „Човек сум и знам што е мака“.
„Планираме да отстапиме еден кат од 80 квадрати во нашата куќа и викендица од 80 квадрати во Стење кај Преспанско Езеро, со сите услови за живеење, бела техника, купатило, исто како во стан. Викендицата е поделена на два ката од по 40 квадрати, може да се соберат и повеќе од две фамилии, но сепак, луѓето треба да бидат и комотни“, посочува Ѓоргиев.
Посочува дека ако бил во состојба ќе ги плател и трошоците за сметки, но поради минималните примања, посочува дека не е во можност.
„Во моментов не сме во состојба да им ги покриеме трошоците за сметки бидејќи и живеам од инвалидска пензија од 12 000 денари, но сум во состојба да го отстапам просторот за луѓето да живеат слободно. Хумани граѓани би можеле да им уплатат средства и да им ги покријат основните трошоци, јас навистина не сум во состојба да плаќам“, додава тој.
Повикот е објавен пред два дена и споделен стотина пати. Засега, нема заинтересирани лица од погодените подрачја. Благојче сместувањето го нуди за период од две години.
„Човек сум и знам што е мака. Сме имале многу маки јас и сопругата и знаеме како е“, пишува тој и на социјалните мрежи.
Благојчо Ѓоргиев е поранешен припадник на безбедносни сили, а познат е и како граѓански активист и жител на селото Тркање, близу Кочани.
Во изминатите денови, имаше и низа други акции. Во неколку угостителски објекти кафето се плаќаше со СМС донација за Сирија и Турција. На плоштадот волонтери деноноќно помагаат за собирање на средства за жителите на погодените подрачја. Истото се случува и во пунктот лоциран во Чаршија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа