Африм Гаши бара прогласување безбедносна зона околу зградата на Собранието
Просторот околу Собранието да се прогласи за безбедносна зона. Ваков предлог-закон по скратена постапка е доставен до архивата на Собранието од собранискиот спикер Гаши и група други пратеници.
Предлогот на Гаши, кој е поддржан од пратеници од речиси сите политички партии и кој веќе влезе во втора фаза на читање, предвидува сериозни ограничувања во периметарот околу законодавниот дом, вклучувајќи и забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура во дефинираниот безбедносен простор.
Според член 8 од предлог-законот, конкретно се забрануваат:
Градежни активности;
Поставување на линиска и инсталациона инфраструктура;
Одржување на јавни собири, протести или манифестации;
Летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и безбедносната зона.
Законот исто така предвидува укинување на сите дозволи за градба во зоната кои се одобрени пред неговото стапување во сила, како и раскинување на постоечките договори за земјиште во просторот што ќе биде прогласен за безбедносна зона.
Предлогот го потпишуваат пратениците Африм Гаши, Беким Коку, Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски. Работното тело задолжено за разгледување е Комисијата за одбрана и безбедност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа