Албанија има обврска да се грижи за Албанците надвор од државните граници

Македонскиот премиер Талат Џафери вчера изјавил од Приштина дека информацијата за наводен обид за атентат на косовскиот премиер Албин Курти во Скопје, не може да се третира поинаку освен како лажна вест.

Тој наведува дека начинот на соопштување на тие информации само нанел штета на релевантните институции во Косово во контекст на веродостојноста за размена на информации во иднина.

Коментирајќи ја изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека „секој напад врз Косово е напад врз Албанија“, Џафери во разговор за приштинска „АТВ“ порачал дека Албанија има обврска, според Уставот, да одговара за Албанците надвор од нејзините граници.

„Албанија има обврска да се грижи за Албанците надвор од границите на државата. Затоа тоа треба да биде во тој контекст, а не само во контекст на одбраната и НАТО Алијансата. Контекстот е малку поширок“, додал Џафери.

Тој, исто така, вели дека патот на Северна Македонија и Албанија кон Европската Унија нема никаква врска со прашањето за односите меѓу Косово и Србија.

„Незавршената работа на тие две земји може да биде пречка на овој пат. Прашањето за нашиот пат, патот на Македонија и Албанија кон Европската Унија, не е поврзано со прашањето за пречките во односите меѓу Косово и Србија, туку е прашање за нашата работа, домашната задача што треба да ја завршиме. Пречка на нашиот пат сме ние самите“, потенцирал Џафери.

Тој посочил дека С. Македонија има обврски да направи уставни измени, додека обврските на Албанија се различни.

 

07.03.2024 - 09:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега