Андоновски ја отвори глобалната Сајбер Конференција во Цирих: Сајбер-безбедноста не е натпревар, туку колективна одбрана

 


Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска, за време на неговото учество на Глобалната Сајбер Конференција, која се одржува во Цирих, Швајцарија, говореше на отворањето на Конференцијата пред претставници на повеќе од 40 држави, експерти од индустријата и претставници на невладиојниот сектор.

Министерот во своето обраќање ја истакна неопходноста од создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување, што е во сржта на дигиталната трансформација, а воедно ги претстави и приоритетите на Македонија во оваа област. „Сајбер-безбедноста не е натпревар, туку колективна одбрана. Меѓусебната поврзаност во сајбер-просторот бара соработка базирана на доверба“, истакна министерот.

Тој ја претстави и нацрт Стратегијата за сајбер-безбедност на Република Македонија за периодот 2024-2028 година, нагласувајќи го проактивниот пристап на кој е базирана. „Пристапот на Република Македонија, во однос на сајбер безбедноста е целосно проактивен. Нашата Стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028 се темели на пет основни принципи кои ја рефлектираат нашата посветеност на дигиталната трансформацијаДигиталната трансформација не може да биде само прифаќање на нови технологии или одржување чекор со трендовите, туку станува збор за создавање системи кои се интелигентни, приспособливи и безбедни по дизајн. “, нагласи Андоновски.

Гледајќи кон иднината, министерот ја истакна итноста од заеднички чекори за градење одржлив дигитален екосистем: „Соработката во сајбер-просторот нуди значајни можности. Но, овие можности ќе бидат реализирани само ако дејствуваме решително и веднаш. Мора да се даде приоритет на образованието и вештините за сајбер-безбедност, но и на меѓународните партнерства за да создадеме дигитален екосистем подготвен за иднината“.

Во рамките на Самитот на кој присуствуваат повеќе од 400 учесници, министерот оствари повеќе билатерални средби со колеги и претставници од водечките компании и држави во сајбер-просторот.

26.11.2024 - 12:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега