Ангелов: По изборите ќе се бара трајно решение за депониите Дрисла и Вардариште

 


Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спарување, Стојанче Ангелов ќе побара од надлежните институции да се направат дополнителни испитување на составот на отпадните води кои се создаваат на депонијата Дрисла и да се утврди каква е опасноста од нив. Нагласи дека по изборите ќе се пристапи кон трајно решавање на состојбата на депониите Дрисла и Вардариште.

Тој на денешната прес конференцијата во Центарот за управување со кризи по состанокот на Кризниот штаб посочи дека во време на предизборието не се преземаат обемни зафати за решавањето на проблемите и дека по изборот на прв човек на градот Скопје и општините ќе се понудат подолгорочни решенија и како што напомена неопходна е поддршка од државата.

- Очекувам дека новоизбраниот градоначалник со поддршка на Владата да ги среди овие депонии. Се работи за обемен процес во кој треба да се вклучат и општините Гази Баба и Кисела Вода и други надлежни министерства и институции и да започне процес на трајно решевање. Како Влада имаме сериозна намера да се зафатиме со решавање на овие горливи проблеми, рече Ангелов.

Во одговорот на новинарско прашање за последиците по луѓето од состојбата во депонијата Вардариште, напомена дека таму има големи количини на ѓубре за кое рече дека е невозможно да се посипа со земја и да се спречи излевање на загадените подземни води во Вардар.

-Ќе разговарам со одговорните во депонијата и ќе побарам одговори. Јавноста заслужува одговори и знам дека е потребен студиозен пристап во решавањето на проблемите на двете депонии Дрисла и Вардариште, рече Ангелов.

11.09.2025 - 13:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега