Апаратите за Магнетна резонанца фаќаат прашина: Ист број на прегледи со двојно повеќе апарати
Иако бројот на апарати за магнетна резонанца од 2017 година досега се удвоил, бројот на прегледи не се зголемил во 2022 година, објави Државниот завод за ревизија. Во 2017 во државата имало седум, додека во 2022 година 14 апарати за магнетна резонанца.
Заводот изврши ревизија на тоа колку граѓаните добиваат навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца во периодот од 2019 до 2022 година.
Ревизорите утврдиле дека и покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за МР во јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците.
Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат, е под просекот на европските држави кој се движи од 4 до 9 илјади снимања годишно по апарат.
Според податоците од ДЗР, апаратите за магнетна резонанца најмалку се користи во Тетово, додека најмногу во Битола.
Само во три Јавни здравствени установи се вршат снимања со МР за сите дијагностики. Во останатите нема доволно обучен кадар или имаат неисправни коили, односно антенти и поради тоа се вршат само одредени снимања.
Снимања за доенчиња и мали деца се вршат само во две ЈЗУ кои имаат обучен кадар.
-Дел од ЈЗУ немаат воспоставено ПАКС систем, поради што нема комплетна архива на МР снимки и не може да се потврди вкупниот број на извршени снимања. Исто така, не секогаш се запазува правилото за читање на снимките од МР на работната единица на апаратот или во ПАКС систем со потребната резолуција и квалитет на снимка. Повеќето ЈЗУ работат според воспоставена пракса и немаат донесени процедури и воспоставен систем на внатрешни контроли за процесот на прием на пациентите, вршење на услугите, издавање на резултатите, изготвување пресметка и наплата на партиципацијата, а во дел не се води медицински дневник. Наведеното влијае на намален квалитет на здравствените услуги, на остварувањето на правата за осигурениците, како и на исходот и зголемувањето на трошоците за понатамошно лекување, велат од Државниот завод за ревизија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа