Арсовска: Преземаме системски мерки за подобрување на квалитетот на воздухот

 

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска учествуваше на презентацијата на резултатите од Студијата за пропорционирање на загадувачите на воздухот во градот.

Aрсовска во своето обраќање особено го нагласи формирањето на Градскиот Еко совет и посочи дека за првпат е формирано такво тело од експерти од областа на животната средина.

„Со првите чекори кои тие ги преземаат ќе имаме квалитетни предлог политики кои ќе бидат презентирани пред Советот на Град Скопје“, посочи градоначалничката.

Истакна и дека градските власти работат и на подигање мега паркови, а прв, како што кажа, е паркот во Ѓорче Петров, па ќе следат уште 4 вакви мега паркови во Скопје.

„Секоја година ќе засадуваме над 100.000 садници, работиме на финална имплементација на Зелениот катастар, тука е и проектот за ре-употреба на градежниот отпад и шут за да се спречи создавањето диви депонии кои периодов интензивно ги расчистуваме, неселективно ги казнуваме сите оние што ја нарушуваат животната средина и здравјето на граѓаните и многу други проекти. Со сите овие мерки се надевам дека ќе успееме да постигнеме резултати“, рече скопската градоначалничка.

Нагласи и дека во Скопје почнува големи еко проект – пречистителната станица за отпадни води во вредност од над 160 милиони евра.

„Ова ќе придонесе за пречистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води и ќе придонесе за заштита на животната средина“, кажа Арсовска.

Инаку, анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во агломерацијата Скопски регион ја изработи лабораторијата AMBICON UGD при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, како дел од проектот за Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје, што го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје.

Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА).

28.03.2022 - 18:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега