ВМРО-ДПМНЕ: Ја правиме Македонија горда со дела - а не со прес-конференции
Лицемерно е СДС да зборува дека Македонија била понижена, бидејќи тоа што СДС го направи за 7 години на државата, ќе треба време да се исправи, но затоа имаме доверба од граѓаните да доведеме ред, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по повод трибината на СДСМ.
Кога СДС зборува за економијата и платите, добро е македонската јавност да знае дека јавниот долг од 47% во 2017 година, се искачи на 65% во 2024 година, и секако бевме доведени до раб на банкрот. Во однос на платите и нивните зголемувања, СДС нека го прашаат Филипче и Заев, каде ги однесоа украдените пари од Буџетот и колку вложуваа во авиокомпании и висококатници во Дубаи? Со ВМРО-ДПМНЕ, македонската економија е 4-та во Европа, а платите се зголемуваат.
Во однос на земјоделците, срамно е СДС да зборува за истите, откако не успеаја да им ги исплатат субвенциите кои ги имаа заслужено истите, секојдневно на улиците имавме протести од незадоволни земјоделци, а во институциите како Македонски шуми и АД Водостопанство – платите доцнеа по неколку месеци. Со ВМРО-ДПМНЕ рекордни 9 милијарди денари исплатени субвенции, од 2021, 2022, 2023 и 2024 година, помош и поддршка на земјоделците и навремено исплаќање на плати, што беше мисловна именка во време на СДС.
За транспортот и договорот со ОК, во 2017 година, патот Кичево-Охрид беше 53% изработен, за сега по 7 години власт на СДС, да биде доработен само за 10%, или скоро 1% годишно. Стратешкиот договор со ОК е јавен, транспарентен и достапен за јавноста, договор кој не става на иста маса со големите држави и ни помагаат да ја подобриме инфраструктурата во секој можен аспект. Нема веќе договори во 4 очи кои ќе се даваат на блиски лица до одредена партија.
СДС кога зборува за образование и здравство, навистина е безобразно. Партијата им ја води човек, поради кој изгоре болница во Тетово заради анекси од 20% да ги стави во џеб, немање онколошки терапии и давање на тендери на фирми блиски до него. Да не говориме за провизиите за вакцините и 10 илјади починати поради неспособноста на Филипче да се справи со пандемијата. За образованието навистина е дегутантно да се зборува, и би го кажале само следново. Учениците на први септември имаат учебници, во време на СДС, не постоеја учебници.
СДС зборуваше и за младите кои ги заборави, а им ветуваше студентски градови, нови факултети и студентски домови. Сега, се реконструираат студентските домови, се градат нови факултети, се реконструираат неколку постоечки факултети, се помагаат младите за отворање на бизниси со новиот оперативен план за 2025 година, а секако од септември – 250 евра за нов електронски уред за секој студент.
Темите како судство и безбедност, би ги ставиле во една како што и СДС на трибината истото го направиле. Безбедноста под нивна палка, беше да се даваат пасоши на белосветски криминалци и да се заштитуваат криминалните банди од Грчец и Сарај. Судството кое треба да носи правда, е избрано од нивните тефтерчиња во Муртино и се прави немо и слепо, кога станува збор за одговорност за член на нивната политичка партија. Тогаш судиите и обвинителите работат по насока од Бихаќка.
За само една година, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа општините со финансиски средства за капитални инвестиции. Македонија е големо градилиште и се работи на нови градинки, училишта, улици, патишта. Македонија се гради како никогаш до сега.
За меѓународната политика, кога говореа луѓе како Жерновски и Фрчковски, тогаш знаеме дека сме на правиот пат. Партија која смени име, смени Устав и не понижуваше на секакво поле во Европа, нема потреба да се коментира и требаше барем за ова да одмолчат и да се извинат.
Затоа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја прави Македонија горда и повторно твоја. Со проекти и дела, не со соопштенија и прес-конференции, реагираат од владејачката партија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа