Барањето за мислење за кандидатите за нов државен јавен обвинител е пристигнато во Советот
Барањето за давање на мислење за кандидатите за нов државен јавен обвинител е пристигнато во Советот на јавните обвинители, информира денеска претседателката на Советот, Душица Димитриеска.
Пријавени се тројца кандидати - јавните обвинители Фатиме Фетаи, Лидија Рајичевиќ и Љупчо Коцевски, потврди Димитриеска и нагласи дека Советот по разгледување на барањето ќе го испочитува рокот и ќе го даде мислењето до Владата.
- Рокот што е определен по закон е 15 дена за Советот да даде образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за секој од кандидатите кои се пријавени и кои ги исполнуваат условите согласно со закон, изјави Димитриеска по денешната седница на Советот.
Мандатот на актуелниот државен јавен обвинител, Љубомир Јовески му истекува в понеделник, на 25 декември, а постапката за избор на негов наследник е во тек.
Советот на јавни обвинители на денешната седница ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на функцијата Јавен обвинител на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, до завршување на изборот.
Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
Владата, на седница на 19 декември донесе одлука да достави писмо до Советот на јавни обвинители со барање за писмено мислење за пријавените кандидати на Огласот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија.
Советот на ЈО, согласно законските рокови, треба во рок од 15 дена да даде позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието. Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа