Белата куќа: Русија не успеа да ги поткопа изборите во Молдавија
„Русија не успеа“ да ги поткопа изборите во Молдавија, иако интензивно работеше во таа насока, рече портпаролот на Белата куќа, апелирајќи на претпазливост. „Демократијата е силна во Молдавија, како и волјата на молдавскиот народ да продолжи со европската интеграција“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност, по тесната победа на референдумот за членство во ЕУ.
Гласот „за“ победи на референдумот за членство на поранешната советска република во Европската унија со 50,46 отсто. Во исто време се одржаа и претседателските избори, чиј втор круг ќе се одржи на 3 ноември.
„Знаеме дека има втор круг и очекуваме Русите да се обидат да влијаат“ и на овие избори, рече Кирби.
Актуелната претседателка Маја Санду, која освои 42,45 отсто од гласовите и поранешниот главен обвинител Александар Стојаногло, кој освои 25,98 отсто, одат во вториот круг од претседателските избори во таа земја со 2,6 милиони жители.
Референдумот и претседателските избори се гледаат како тест за одлуката на длабоко поделената земја да одржува блиски врски со Русија или да започне потенцијално долг процес на пристапување во Европската унија. „Никој не го игра победничкиот танц“, рече Кирби, укажувајќи дека САД продолжуваат да работат со Молдавија за да го заштитат интегритетот на вториот круг од изборите.
Санду рече дека Молдавците ја добиле „првата битка во тешката борба“ за нивната иднина.
„Народот на Молдавија рече: Нашата иднина во ЕУ сега ќе биде закотвена во уставот. Се боревме фер во нефер борба – и победивме“, напиша Санду на X.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа