Бесија Иљази призна вина и куртули од затвор

 

Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија е осудена во скопскиот Кривичен суд за злоупотреба на службената положба и овластување.

Слободен Печат пишува дека таа со признание на вина добила условна осуда мерка заштитен надзор во времетраењето на условната осуда што значи дека треба да почитува насоки што и ги дава судот во тоа време. 

 

Инаку, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе Обвинителен предлог против поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, поради кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик. Таа во својство на организациски директор на Токсикологија, ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица.

- „Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од  659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“, стоеше во соопштението на ОЈО.

Скандалот со Иљази во јавноста го открија вработени од Клиниката, кои во април преку писмо до медиумите и потоа и на прес-конференција, образложија дека таа незаконски бутка да се вработат лица.

12.03.2025 - 11:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега