Меџити и Ѓорѓиевски не гледаат проблем во кандидатури со два потписи

 

Првиот заменик-претседател на Владата, министер за животна средина и просторно планирање и кандидат на ВРЕДИ за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник за Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски не гледаат проблем и причина за паника по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) независните кандидати со два потписи да можат да се кандидираат на локалните избори.

Меџити не очекува ова да му наштети на изборниот процес, потенцирајќи дека тие треба да очекуваат гласови оти како што посочи, ќе се елиминираат уште во првиот круг.

-Мислам дека тоа нема да му наштети на процесот. Сигурно оној што ќе се појави како независен кандидат треба да има и поддршка, а не само два потписа. Може да се појави, но како што ќе се појави, така и си оди. Затоа не гледам проблем. Мислам дека би требало да се сериозни и кои што ќе очекуваат гласови. Ќе се елиминираат уште во првиот круг, рече Меџити, кој заедно со Ѓорѓиевски беа во посета на улицата „Цветан Димов“ во Чаир (Јахја Паша).

Ѓорѓиевски потенцира дека во демократско општество секој треба да има шанса да учествува на избори. Тој е убеден дека ќе победи уште во првио круг на локалните избори.

- Добро е во демократско општество, секој да има шанса. Јас искрено не гледам причина за паника барем кај мене. Јас сум убеден во победата во првиот круг на овие локални избори. Тоа се гледа евидентно и од поддршката којашто постојано на дневна основа ја добивам од страна на граѓаните. Демократско општество сме. Секој треба да има права и можности да биде биран, исто како што има право да бира. Не гледам нешто спорно во тоа, рече Ѓорѓиевски.

Во однос на обвинувањата од ДУИ дека наместо Европска унија тие во земјава донеле „српски свет“, Меџити истакна дека смешно е тие што протежирале Отворен Балкан, сега да обвинуваат за такви работи.

19.08.2025 - 13:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега