Бесплатно тестирање за ХИВ на Водно - Доцната дијагноза е тежок ризик
Од денеска до 30 мај во рамки на Европската пролетна недела на ХИВ тестирање, во организација на Асоцијација за здравствена едукација - ХЕРА, ќе се одржи бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ). Тестирањето ќе се врши секој ден од 15.00 до 18.00 часот, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно.
ХИВ денес е контролирана здравствена состојба со достапната и ефективна терапија, важна е само навремената дијагноза. Доцната дијагноза е тивок ризик, нешто што може да се избегне со само еден мал чекор. Раното тестирање значи навремена и ефективна терапија, квалитетен и долг живот и нула ризик за пренос на ХИВ (кога луѓето со ХИВ се на терапија и вирусот е недетектибилен, тогаш ХИВ не се пренесува преку сексуален пат).
Дополнително, граѓаните може да се тестираат и за сифилис, гонореја и кламидија, со резултати готови за најмногу 30 минути. Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо и се спроведува од обучени медицински лица и советувачи.
Граѓаните можат да закажат термин со јавување во Младинскиот Центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 02/3176 - 950, преку оналјн закажување или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2.
Тестирањето се одвива во пријателска и безбедна средина, каде освен здравствени услуги, граѓаните може да добијат и индивидуално советување за сексуално и репродуктивно здравје. Првиот чекор кон грижата за сопственото здравје започнува со информираност и навремено тестирање, посочуваат од ХЕРА.
Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство.
Европската недела на ХИВ тестирање е Европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа