Бочварски: Со 1,4 милиони евра започнува изградбата на фекална и атмосферска канализациска мрежа во струмичко Градско Балдовци
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска беше во работна посета на Општина Струмица, каде заедно со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов означија почеток на градежните активности за изградба на фекална и атмосферска канализациска мрежа во населеното место Градско Балдовци.
Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, со проектот е предвидена изградба на фекална канализациска мрежа од речиси седум километри, атмосферска канализациска мрежа од 2,4 километри и одводни канали.
Инвестиционата вредност изнесува 85 милиони денари, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски.
- Денеска во Градско Балдовци, заедно со градоначалникот Костадинов, означуваме почеток на градежните активности за изградба на фекален и атмосферски канализационен систем токму за граѓаните на ова населено место. Проектот што го реализираме тука во Градско Балдовци е со инвестициона вредност од 85 милиони денари и сигурен сум дека со овој проект решаваме еден огромен проблем на жителите на Градско Балдовци, значително го подобруваме животниот стандард на населението, но и значително придонесуваме за заштита на животната средина, изјави министерот Бочварски.
Тој потенцираше дека преку Министерството во наредниот период ќе започне и изведба на дел од булеварот „Братство и единство“, како дел од локалната патна мрежа во Општината.
Градоначалникот Костадинов ја потенцираше поддршката од централната власт и најави повеќе капитални проекти значајни за општина Струмица.
- На барање на жителите на Градско Балдовци ја започнуваме оваа инвестиција од околу 85 милиони денари, проект кој е од огромно значење и сум задоволен што она што го ветивме пред граѓаните, го исполнуваме. Ова е резултат од нашата заедничка соработка со Министерството за транспорт и врски и верувам дека соработката така и ќе продолжи. Уште еден исклучително важен проект кој го работиме со Министерството е реконструкцијата на регионалниот пат Струмица – Дабиле, кој очекувам да започне со реализација во наредните месеци, бидејќи компаниите изведувач и надзор се веќе избрани, изјави Костадинов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа