Борел: Путин ќе мора да одговара за смртта на Навални
Рускиот претседател Владимир Путин „ќе мора да одговара“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, изјави денеска во Брисел високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по средбата со вдовицата на Навални.
„Го изразивме најдлабокото сочувство на ЕУ на Јулија Навални. Владимир Путин и неговиот режим ќе треба да одговараат за смртта на Алексеј Навални“, изјави Борел по средбата со вдовицата, која се обрати на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Но, „како што рече Јулија, Русија не е Путин и Путин не е Русија“, рече Борел.
Министрите станаа и долго и аплаудираа на вдовицата на противникот од Кремљ на крајот од нејзиниот краток говор, додаде Борел.
Според дипломатски извори, Јулија Навални на министрите им ја потврдила својата посветеност за продолжување на борбата против режимот што доведе до смрт на нејзиниот сопруг.
„Алексеј Навални беше херој и тој умре како херој“, рече таа и побара ЕУ да го таргетира опкружувањето на Владимир Путин и „корумпираните олигарси“ кои го поддржуваат со казнени мерки.
Неколку министри денеска пред почетокот на состанокот се заложија за воведување дополнителни санкции против Русија.
ЕУ веќе воведе неколку пакети санкции против Москва, вкупно 12, и се подготвува да го усвои 13-тиот пакет, пред втората годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа