Бугарија и Романија влегуваат во половичен „Ер Шенген“

 

Романија и Бугарија постигнаа договор со Австрија за приклучување кон европската Шенген зона по воздушен и морски пат од март 2024 година, а разговорите за копнените граници треба да продолжат следната година, соопшти во средата романското Министерство за внатрешни работи.

Пред една година, на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ, Австрија се спротивстави на проширувањето на Шенген зоната за Романија и Бугарија, тврдејќи дека илегалната имиграција е сè уште превисока и дека двете земји, пред да се приклучат, мора да направат повеќе за да го спречат тоа.

Откако се согласија на построги мерки за безбедност на границите и ја добија поддршката од другите земји од ЕУ, Австрија делумно попушти, предлагајќи фазен влез. Решението е она што австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер го нарече „Ер Шенген“.

Романија и Бугарија се на главните патишта на нелегалната трговија со оружје, дрога и луѓе, но Европската комисија соопшти дека темелната истрага покажала дека двете земји сè уште ги исполнуваат сите шенгенски услови.

Букурешт вели дека австриското противење е неоправдано, повикувајќи се на податоци од граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, кои покажуваат дека илегалните мигранти главно влегуваат во ЕУ од Западен Балкан, а не од Романија.

Народната партија, владејачката конзервативна опција во Австрија, со години ја заснова својата кампања на борбата против илегалната имиграција.

 

Екстремно десничарската Партија на слободата, која има сличен став за миграцијата, води во анкетите пред парламентарните избори следната година. Романскиот премиер Марсел Чолаку го поздрави делумниот договор за пристап.

28.12.2023 - 18:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега