Бугарија не ја заврши нејзината работа, нашето ветување е остварено, порача Ковачевски на пуштањето на патот Крива Паланка- Деве Баир

 

Денеска ја означуваме успешната реконструкција и рехабилитација на патната делница Крива Паланка- Деве Баир, со што ја привршуваме модернизацијата на патните правци во североисточниот дел од државата кој беше заборавен со децении.

„Овој пат беше предмет на разговор којшто го имав првиот ден како претседател на Владата со министерот Бочварски, со премиерот на Бугарија Кирил Петков и со нивниот тогашен министер за транспорт и врски. И тогаш кажавме дека овој патен правец комплетно ќе го рехабилитираме, комплетно ќе го реконструираме и ќе отвориме трета лента којашто во тоа време не постоеше, истакна премиерот Димитар Ковачевски на официјалното пуштање во употреба на реконструираниот и рехабилитиран пат Крива Паланка- Деве Баир.

Истовремено како што најави ќе биде извршена и рехабилитација на патот до Страцин и ќе се отпочнат и работите на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка.

„Ние нашето ветување си го остваривме. Е сега сакам да му кажам на амбасадорот Гир и на медиумите да му пренесат не сегашниот премиер на Бугарија и на поранешниот премиер на Бугарија Кирил Петков, а сегашен се уште претседател на партијата „Продолжуваат промените“, дека тие нивната работа не си ја завршија. Ниту го завршија делот на патот кај Ќустендил, ниту го завршија делот на патот на страната на Бугарија кон ГП Клепало.

Така што, амбасадоре Гир, можете преку Брисел да им кажете дека ние нашата работа ја завршивме, а тие нивната работа не ја завршија“, порача Ковачевски.

Појасни дека државниот пат А2, делницата Крива Паланка- Деве Баир, кој денеска официјално е пуштен во употреба е во должина од 13 километри, каде е извршена рехабилитација, санација на пропустите на патот, но и проширување со трета лента.

Според Ковачевски се работи за инвестиција од 12, 2 милиони евра обезбедени преку грант на ЕУ и поддршка преку ЕБОР.

„Со проширувањето и рехабилитацијата на овој клучен патен правец, дел од паневропскиот Коридор 8, ставаме крај на потешкотиите на граѓаните кои го користеа и овозможуваме побрзо и побезбедно патување до граничниот премин Деве Баир.

Реализацијата на патните правци, кои се дел од Коридорот 8 и Коридорот 10-д за нас се од посебно значење бидејќи инвестициите во овие два коридори се политички и економски влог во нашата европска иднина.

Веќе го пуштивме во употреба магистралниот пат Куманово-Страцин, кој се рехабилитираше за прв пат после повеќе од 30 години и каде се вложени околу 12 милиони евра. Во тек се градежните активности на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и сега, со рехабилитацијата на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир го комплетираме источниот дел од Коридор 8“, потенцира премиерот.

„Започнавме со реализација и на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја Коридорот 8 и Коридорот 10-д коишто за прв пат ќе не поврзат со исток и запад, со што Северна Македонија станува клучен транзитен центар.

Со изградбата на овие два коридори ги зајакнуваме врските со соседите, отвораме 8000 работни места, создаваме можности за нови бизниси, ги вклучуваме во работа и домашните компании и стимулираме економски раст и зголемување на трговската размена. Дополнително, ќе има простор за нови бизниси и нови работни места во регионите каде поминуваат коридорите со чија изведба се предвидува номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години“, нагласи премиерот Ковачевски.

23.01.2024 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега