Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја уништува куповната моќ
Пред еден од најтешките месеци во годината граѓаните се соочени со суровата економска реалност - сѐ е поскапено, а платите стагнираат.
Првиот човек на опозициската СДСМ Венко Филипче обвини дека власта и премиерот Христијан Мицкоски свесно ги туркаат граѓаните во сиромашните.
-Ја прекинаа спиралата на раст на платите што ја започна СДСМ. Инфлацијата од 4,8% секој месец го јаде животниот стандард – граѓаните живеат полошо. Мицкоски се фали со бројки и проценти за наводен раст на платите. Вистината е дека реалната плата, онаа што навистина значи нешто за секое семејство во јуни порасна само 3,8%, за разлика од лани со економските политики на СДСМ растот беше 11%. За прв пат по долго време, имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец. Ова е аларм што не смее да се игнорира, вели Филипче.
Во објавата на Фејсбук вели дека Синдикалната потрошувачка за август изнесува 65.000 денари, што значи дека дури ниту две минимални плати не се доволни за да се преживее месецот.
-Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. СДСМ знае како да ја врати стабилноста и достоинството на граѓаните. Нема да отстапиме од предлозите за покачување на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на 500 евра, намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Битката за поголем приход е битка за достоинствен живот, вели Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа