„Дај ни Господи душевен мир и спокојство“: Молитва и пост главно средство за борба против ѓаволот

 

Постот е заповед Божја. Уште во Едем, Бог им заповеда на Адам и на Ева да јадат од сите дрва, освен од едно – дрвото на познанието. Значи им заповеда да постат и да не јадат од тоа дрво сè додека преку тој подвиг не станат зрели за да јадат од плодовите на тоа дрво. Меѓутоа, Адам и Ева, по наговор на ѓаволот, ја искористија својата слобода за да ја прекршат заповедта Божја и застранија од патот кон совршенството, та за нив стана невозможно да стигнат до бесмртноста и до обожението за кое беа создадени.

Од тогаш, постот се смета за главно средство за борба против ѓаволот и против сопствените слабости. Христос го нагласи значењето на постот, велејќи: „овој род со ништо не се истерува освен со пост и молитва.“

Не можеме да се нарекуваме Христијани доколку не ги држиме заповедите Божји, вклучително и оваа заповед за постот.

Да не заборавиме дека заедно со постот од храна треба да се грижиме и за постот од страстите. Во многу црковни химни и во учењето на Светите Отци, се истакнува дека постот е целосен само доколку истовремено се трудиме и за двете работа: постот од храна и постот од страстите.

Така, во поглед на храната, Црквата има предвидено што да јадеме во одредени денови и во одредени периоди. За постот, пак, од страстите, добро е секој да не постапува само според сопственото мислење, туку да се посоветува со својот духовник, т.е. со свештеникот кај кого се исповеда.

Светиот Василиј Велики за постот вели: „Не ја ограничувај добрината на постот само на воздржување во исхраната. Затоа што вистинскиот пост подразбира да не правиш ништо неправедно, да ги одврзеш врските на неправдата. Простете му на вашиот ближен за злото што ви го направи и заборавете го она што ви го должи. Вашиот пост да биде чист, без осудување и без расправии. Не може да не јадеш месо, а да го јадеш брата си. Да не пиеш вино, а да си полн со неправда. Ниту еден совет не може толку допре до душата на алчниот, колку средбата со воздржанието.“

Преподобниот Илија вели: „Некои внимаваат каква храна ќе внесат во себе, а се немарни за тоа какви зборови ќе изнесат од себе. Немаат научено да го изгонат гневот од своите срца и страстите од своето тело – како што вели проповедникот. Но, само на таков начин се соѕидува чисто срце кое Светиот Дух го обновува.“

Црквата става акцент на тоа да нè поттикне кон добродетелен и интензивен живот, ни открива дека целта на постот е богоцентрична, дека постот не е само телесна вежба која просто само треба да ја издржиме со гладување, туку дека постот треба да го разбираме како тријада: воздржување од храна, молитва и милостиња.

Како се пости?

Според видот на храната што се јаде, постојат четири вида на пост:

Воздржување од јадење месо – ова се случува само во месопусната седмица, пред почетокот на Великиот пост.

Воздржување од јадење месо и сите други видови храна од животинско потекло: млеко, млечни производи, јајца. Овој вид на пост се нарекува „пост на масло“, бидејќи се дозволува употреба на растително масло во храната, како и умереното конзумирање на вино и друг вид алкохол.

Пост на риба – тоа е пост на масло, но се јаде и риба.

Строг пост: воздржување од јадење не само на месо и храна од животинско потекло, туку и на употребата на масло во приготвувањето на храната. Кога е строг пост не се конзумира алкохол.

Кога се пости?

Во однос на времетраењето на постите разликуваме еднодневни и повеќедневни црковни пости.

Еднодневни пости

Тоа се, пред сè, секоја среда и петок во годината.

Во петок постиме затоа што на тој ден беше распнат Господ Исус Христос. Со постот во тој ден и ние го распнуваме злото во себе за да се смилува Господ на нас недостојните, како што се смилува на разбојникот распнат до него.

Во среда постиме затоа што се сеќаваме дека на тој ден еден од Неговите пријатели Го предаде во среда. И нам кои сме исто така негови пријатели, доколку сме невнимателни и не се подвизуваме, може да ни се случи да Го предадеме.

За мир и спокојство во домот православните верници често кажуваат молитви , а овие најдобро е да се знаат на памет:

Слава ти Боже наш Слава ти
Царе Небесен, Утешителу, Дух на Вистината кој си на секаде и се исполнуваш, ризница на добрините, Животодавче, дојди, вселисе во нас, очисти не од секаква нечистотија и спаси ги Благи, душите наши.

Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, Помилуј не. (3)

 Молитва за мир во домот Боже на љубовта, Боже на мирот и долготрпението, помогни ни да живееме во овој дом секогаш во мир, во слога и љубов. Засилувај го нашето трпение, зашто Ти Господи, си долготрпелив кон нас грешниците. Скротувај не со благост кога сме гневни, не дозволувај му на злото да влезе длабоко во нас, да ги помрачи нашите души и да не раздели. Ти се опростувааш, помогни ни и нам да бидеме готови да простиме и да се смириме. Отстрани ги со Твојата силна десница причините на неразбирањето и кавгите и всади го во нашите срца духот на кротоста и љубовта, за да бидеме чеда на семејство од Тебе благословено и да напредуваме во секакво добро за Твоја прослава, на Отца и Сина и Светиот Дух.

Пресвета Троице помилуј не, Господи очисти ги гревовите наши, Владико прости ги беззаконијата наши, Свети, посети не и исцелиги нашите слабости заради твоето име. Господи Помилуј (3)

Слава на Отца и Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови, Амин.

Отче наш Кој си на небесата, да се свети Името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш насуштен дај ни го денес, и прости ни ги долговите, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници, и не воведувај не во искушение, но избави не од лукавиот. Зашто Твое е царството и силата и славата на Отца и Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови, Амин. Господи, помилуј.(12)

Слава на Отца и Сина и Св Дух, сега, секогаш, и во сите векови, Амин.

 Молитва за благослов на домот Семилостив Боже, благослови го нашиот дом и Твојата силна рака да биде над сите што живеат во него. Испрати ни ангел чувар! Чувај не од несреќи, земјотреси, оган, поплави, од болести, од непријателски напади и од секое зло. Не дозволувај во нашиот дом да влезе лукав и нечист дух, што се осквернавува и ги расипува добрите взаемни односи, кој внесува непокорност и безгрижност кон Твојот свет закон, внесува раздори и кавги и ги одзема мирот и љубовта. Помогни ни да напредуваме во добродетелен живот и силна вера, нашите души да се приближат со чист и светол живот до Тебе, та да дојдеш Ти, Господи, кај нас и да живееш во нашиот дом, да царуваш во него, во нашите души и срца, да владееш со нашите мисли, чувства и желби. Ослободи не од непотребни грижи и освети ги нашите радости. Засили не кога сме слаби и тажни. Ако си со нас во тешките часови на тага и мака, на колебливост и исплашеност, тогаш нашите страданија и солзи се полесни, поподносливи. Исцели ги нашите болки и душевни рани, зашто само Ти ги гледаш и само Ти можеш да ни помогнеш. Преблаг Господи, не оставај не никогаш сами, за да не дојде кај нас непријателот на нашето спасение и да не погуби. Амин

Извор: Струмица Денес.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.03.2021 - 10:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега