Денеска е голем празник: Иванден е за лекување болести и за добивање потомство – Што НЕ треба да правите
Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…
На Иванден се плетат венци од ивано-цвеќе и со нив се китат просториите. Во пресрет на овој ден овчарите палеле брезови огнови и ги посетувале трлата со овци и шталите каде ја чувале стоката, а потоа се качувале на висовите и играле секакви игри околу огновите. Ова палење се поврзува со палењето на бадникарскиот оган во пресрет на Божиќ, со што сака да се каже дека зимското, божиќно сонце не сјае толку високо како летното, ниту грее толку топло.
Со плетењето на венците се сака да се каже дека природата во својот развој дошла до највисоката точка (средина на летото) и дека со тоа природата се овенчува. Тие венци воедно ги потсетуваат младите да размислуваат за свадбени венци. Девојките во венецот ставаат црвена роза. Се смета дека Иванден е толку голем празник што Сонцето на тој ден застанува три пати.
Водата добива посебна моќ, па сите се капат во реките, потоците и езерата, билките и тревите имаат засилени лековити дејства и затоа се берат и се плетат венци од нив како лек против болести.
Не се работи во лозјата ништо, се верува дека седум дена лозјата најмногу напредуваат бидејќи ги чува Свети Јован.
Цвеќето се бере за овој празник бидејќи луѓето веруваат дека има поддршка од небото. Забележано е верување дека низ венците од сплетена јованова трева, на Иванден се провлекувале жените кои немале пород.
Се капеле во вода во река за таа да ги однесе уроците, болеста и злите намери. Ако жената неколку пати неуспешно забременила на овој ден посетувала лица со име Станка или Стана, ако тие биле повеќе одела во секоја куќа, земале снопчиња трева од венецот и правеле свој венец. Со него на глава се капеле во реката и верувале дека ќе им успее следната бременост.
Се верувало дека лошите духови ќе се разбудат оваа ноќ, па затоа во секој дом, станарите не спиеле, туку изведувале ма-гични ритуали. Во меѓувреме, децата смислувале разни лудории: ги пуштале говедата од соседната штала, за да не заспие соседот случајно, и на тој начин да стане п лен на ѓаволот.
Девојките плетеле венци од иванско цвеќе и ги фрлале во реката. Ако венецот пловел далеку – тогаш тоа значело дека девојката ќе има долг живот и среќна судбина. Ако венчето потонало – тоа значело дека ја чекаат ми-зерија и проблеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа