Засадени 80 дрвца во спомен на прерано починатиот Мартин Здравковски

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес заедно со раководните лица од компанијата "Сетек", Централна Кооперативна Банка и со претставници на фондацијата „Мартин Здравковски“, учествуваше во акција за пошумување на два парка во населбата 11 Октомври – Бараки. Беа засадени 80 високостеблести дрвја, дел како донација од "Сетек" и Централна Кооперативна Банка, а дел во соработка со фондацијата „Мартин Здравковски“, во спомен на прерано починатото дете од овој дел на општината, кое го носи тоа име и чии родители беа присутни на настанот.
Дрвцата се поставени во новиот парк, како и во Паркот на шахот, двата во населбата 11 Октомври Бараки, со што овој дел од општината добива сосема нов лик, со повеќе можности за одмор и рекреација
– Денешниот настан е уште еден сегмент од поширокиот план на Општина Кисела Вода, која во овие три и пол години веќе ги зголеми зелените површини за 80.000 м². Како локална самоуправа вложуваме постојан труд за создавање поздраво, поубаво и поквалитетно секојдневие за сите наши сограѓани.
Секое засадено дрвце е чекор поблиску до таа цел. Особено сум благодарен што фондацијата „Мартин Здравковски“ се вклучи во оваа иницијатива и на овој начин создадовме траен спомен на едно детско име, кој истовремено ќе придонесе за поздрава животна средина. Голема благодарност и до "Сетек" и "Централна Кооперативна Банка", кои преку својата донација уште еднаш покажаа што значи вистинска општествена одговорност. Ова е пример како заедно можеме да ја направиме Кисела Вода уште позелена и поубава – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
24.04.2025 - 11:59
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа