Денеска почнува конститутивната седница на новиот состав на Собранието

 


Во Собранието денеска во 11 часот треба да започне седницата на која треба да биде конституиран новиот парламентарен состав. На дневен ред на седницата се четири точки односно избор на Верификациска комисија, Верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието. Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието. Според најавите, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од Алтернатива, дел од коалицијата Вреди.

Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата се очекува да присуствуваат само 118 бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки.

Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.

Се уште траат жалбените постапки за последното прегласување во селото Ларце во Желино и не се знае дали Вреди ќе го задржи добиениот мандат. Поради кандидатурата за претседател на Собранието Африм Гаши се повлече од лидерската функција во Алтернатива, која е дел од Коалицијата Вреди. Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, пак, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница. 

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се Христијан Мицкоски, кој се очекува да биде мандатар во новата влада, Гордана Кочовска Димитриевска, Синиша Стојановски, Бети Стаменковска, Тони Јаревски, Иван Живковски, Љупчо Пренџов, Марија Митева, Иванка Василевска, Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска, Бобан Николовски, Бојан Стојановски, Каролина Насковска, Зоран Коцевски, Бране Петрушевски, Драган Ковачки, Никола Мицевски, Рашела Мизрахи, Игор Здравковски, Благица Ласовска, Миле Лефков, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Душко Иванов, Александар Јамалов, Драгана Бојковска, Емил Спасовски, Драгана Арсова, Александар Николоски, Антонијо Милошоски, Ели Панова, Дејан Проданоски, Зоран Јованчев, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Златко Пенков, Моника Ристеска, Јулија Тушева, Жан Дрвошанов, Петар Марков, Билјана Кузмановска, Ѓорѓија Сајкоски, Олга Лозановска, Сашо Донев, Пеце Милевски, Јован Јаулески, Лидија Петковска, Мевмед Џафери, Кире Божиновски, Силвана Ангелевска, Грација Бакрачевска, Дафина Стојаноска, Александар Велјановски и Валентина Марчевска и други пратеници од коалицијата.

Од СДСМ, пак, пратеници се: Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Даниела Николова, Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Љупчо Николовски, Горан Мисовски, Благој Бочварски, Венко Филипче, Јованка Тренчевска, Миле Талевски, Соња Мираковска, Борче Цветков, Јован Митрески, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Митко Трајчулески и Славјанка Петровска.

Пратеници од редовите ДУИ ќе бидат Блерим Беџети, Илир Хасани, Садула Дураки, Скендер Реџепи, Дијана Тоска, Ељми Азири, Зиадин Села, Муса Џафери, Арбана Пашоли, Али Ахмети, Талат Џафери, Илире Даути, Мендух Таќи, Рина Ајдари, Бејџан Илјас, Илир Демири, Сали Мурати и Фатмире Исаки.

Пратеници од коалицијата Вреди се Изет Меџити, Беким Сали, Африм Гаши, Ријад Шаќири, Мерита Колчи – Коџаџику, Салим Сулејмани, Биљал Касами (кој се откажа и побара да не му биде верификуван мандатот), Беким Ќоку, Мимоза Муса, Халил Снопче, Фатмир Лимани, Саранда Имери-Стафаи и Садик Сулејмани. 

Левица и ЗНАМ имаат по шест пратеници. Пратеници од Левица се Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Амар Мециновиќ, Сашко Јанчев и Јована Мојсоска. Пратеници на ЗНАМ, која станува дел од идната владејачката коалиција, се Бобан Карапејовски, Даниел Стојчевски, Даниела Белимова, Павле Арсоски, Миле Цеков и Весна Бендевска.

Со конститутивната седница ќе претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику

Конститутивната седницата ја свика претседателот на Собранието Јован Митрески, а со неа ќе претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику. Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието.

Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за конституирањето на Собранието и за изборот на претседателот на Собранието.

Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници, кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата. Претседавачот со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници.

Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието. Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија која се избира по предлог од претседавачот.

Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.

Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификациската комисија. За извештајот на Верификациската комисија се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето по извештајот се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот. Ако Верификациската комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој предлог за одложување на верификацијата на мандат на пратеник, Собранието во рокот расправа и одлучува одделно. Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието. До добивањето на известувањето на ДИК, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.

Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на Државната изборна комисија, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку 10 пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата. Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. По предлогот за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на Комисијата се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.

Собранието од редот на пратениците избира претседател на Собранието. За избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.

Кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието.

Предлогот за кандидат за претседател на Собранието се поднесува во писмена форма на седницата на Собранието и содржи име и презиме на кандидатот со биографски податоци и образложение, како и имињата и презимињата на пратениците кои го поднесуваат предлогот и нивни своерачни потписи.

Доколку се поднесени два или повеќе предлози за кандидат за претседател на Собранието, редоследот на кандидатите за претседател на Собранието се утврдува според азбучниот ред на нивните презимиња.

Со гласањето за избор на претседател на Собранието раководи претседавачот. Ако Собранието одлучи претседателот на Собранието да се избира со тајно гласање, на претседавачот при изборот му помагаат генералниот секретар на Собранието и тројца пратеници, кои ги избира Собранието на предлог на претседавачот од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.

Пратеникот има право да гласа само за еден од предложените кандидати за претседател на Собранието. Ако пратеникот гласа за повеќе кандидати за претседател на Собранието, неговото гласање се смета за неважечко.

За претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Ако за претседател се предложени двајца кандидати и ако на првото гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, гласањето се повторува.

Ако за претседател на Собранието се предложени тројца или повеќе кандидати, гласањето се повторува за двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови на првото гласање.

Ако меѓу кандидатите со најголем број гласови има кандидати со ист број гласови, гласањето се повторува за сите кандидати со најголем број гласови. Ако и на повторното гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. 
 
На друга седница ќе бидат избрани потпретседатели на Собранието, а бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициона партија. Најмалку еден од потпретседателите се избира од помалку застапениот пол. 

28.05.2024 - 09:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега