Денеска се организираат мирни собири низ Македонија во чест на жртвите од трагедијата во Кочани

 


Загубата на 59 млади животи во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ го потресе целото општество. Во знак на почит кон жртвите и барање одговорност, низ Македонија се организираат мирни собири и протести. Граѓаните од различни градови се обединуваат во заедничка болка, барајќи правда и одговорност.

Во Скопје, собирот е организиран од Студентскиот пленум и ќе се одржи денес во Градскиот парк, на тревникот по споменикот на Гоце Делчев. Почетокот е закажан за 16:30 часот, а во 16:59 ќе започне едночасовен молк во чест на загинатите.
„Се повикуваат сите граѓани на мирен собир на кој заедно ќе оддадеме почит кон жртвите од пожарот во Кочани“, се наведува во повикот од организаторите.


И Охрид ќе се приклучи на одбележувањето, каде собирот го организираат младинските и ученичките заедници, во соработка со студентските собранија и Локалниот младински совет.

Во самиот град Кочани, граѓаните најавуваат дека секој ден од 15:00 часот ќе се одржуваат протестни маршови со јасна порака – барање одговорност за трагедијата во „Пулс“. Маршовите ќе продолжат сè додека институциите не преземат конкретни чекори.


 

Граѓаните низ целата држава се обединети во болката и гневот, со надеж дека ваква катастрофа никогаш повеќе нема да се повтори.

23.03.2025 - 10:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега