Денеска се слави Преподобен Макариј Велики: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“

 

Православните верници денес, 1 февруари го прославуваат Преподобен Макариј Велики.

Мисирец, еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му беше свештеник. Од послушност кон родителите се ожени, но жена му набрзо умре, а тој се оддалечи во пустина, каде што помина полни шеесет години во труд и во борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашаа зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, одговори: „Од стравот Божји“. Толку успеа да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарува со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше од гробовите. Неговото смирение ги восхитуваше и луѓето и демоните.

Еднаш демонот му рече: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, праша Макариј. „Твоето смирение“, му одговори демонот. На својот ученик Пафнутиј, Макариј често му говореше: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“.

Живееше деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавија од оној свет Св. Антониј и Св. Пахомиј и му навестија дека за девет дена ќе умре, што и се случи. Уште пред самата смрт му се јави херувим, којшто во видение му го откри блажениот небесен свет, ги пофали неговиот подвиг и добродетели и му рече дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокои во 390 година.

01.02.2022 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега