Детали за крунисување на Чарлс Трети, новиот монарх на Обединетото Кралство: Ќе носи 36 милиони евра на главата

 

 

Англиските монарски се крунисануваат во престолнината Лондон околу еден милениум. За ова време и со промената на кралевите и кралиците создадени се многу ритуали и протоколи кои денес ќе бидат дел и од крунисувањето на Чарлс Трети и неговата сопруга Камила. Некои од нив се стари речиси колку и самата церемонија на крунисување, додека други се модерни.

Како се одбира датумот за крунисување?

Кралското семејство и британската влада се договораат за соодветниот датум за крунисувањето. Ниту Бакингемската палата ниту Даунинг стрит број 10, каде што е резиденцијата на британскиот премиер, официјално не дадоа објаснување зошто овојпат е одлучено свечениот чин да се направи на денеска, на 6 мај.

Британските медиуми пишуваат дека сепак има некои лични врски помеѓу кралот и датумот на крунисувањето. Имено, 6 мај е роденден и на неговиот внук Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор, најстариот син на принцот Хари и Меган Маркл, кој е роден во 2019 година. Тоа е и годишнина од смртта на неговиот прапрадедо, кралот Едвард Седми, кој починал во 1910 година.

Во Вестминстерската опатија се крунисани 38 монарси

Со оглед на фактот дека досега во Вестминстеската опатија се крунисани 38 монарси, веројатно е природно Чарлс Трети да ја продолжи традицијата што започнала во 1066 година, кога Вилијам Освојувачот ја освоил Англија. Освен тоа Вестминстерската опатија е исто така место на многу други важни црковни служби на кои присуствува англиското кралско семејство.

Чарлс Трети очигледно не сакал религиозен датум за своето крунисување исто како и мајка му која се одлучила за летно крунисување. Елизабета Втора беше крунисана на 2 јуни 1953 година во Вестминстерската опатија.

Која од круните?

Кралското семејство поседува неколку круни. Кралот Чарлс Трети за крунисувањето ја избра „Круната на Едвард“. Таа е најстарата од британските кралски круни, направена во 1661 година, а првпат ја носел кралот Чарлс Втори. Оваа круна ја заменила средновековната круна, која била стопена во 1649 година. Од 1649 до 1661 година Англија накратко станала република, предводена од диктаторот и воен лидер Оливер Кромвел. Бунтовниците продале многу од кралскиот накит и го стопиле златото.

По обновувањето на монархијата (т.н. „Реставрација“), морало да се направи нова круна која во многу нешта наликувала на претходната. Според фондацијата Труст на кралската збирка (Royal Collection Trust), круната тежи околу два килограми, украсена е со рубини, аметисти и сафири и е направена од чисто злато. Нејзината вредност се проценува на околу 36 милиони евра.

„Круната на Едвард“ пред Чарлс ја носеше неговата мајка, Елизабета Втора.

Камила сепак ќе стане кралица

Со благослов на покојната кралица Елизабета Втора, Камила ќе биде формално именувана како кралица Камила, а не само како кралска сопруга. Таа денеска исто така ќе биде крунисана во Вестминстерската опатија со круната на Кралицата Мери, кралската сопруга на кралот Џорџ Петти, направена за церемонијата на крунисувањето во 1911 година.

Од круната пред церемонијата ќе биде изваден важен скапоцен камен – дијамантот Кох-и-Нур, кој неодамна предизвика контроверзии бидејќи дошол во сопственост на британското кралско семејство под сомнителни околности. Четири земји си го бараат назад дијамантот од Велика Британија: Индија, Пакистан, Авганистан и Иран.

Наместо Кох-и-Нур, на круната на Камила ќе има некои од омилените камења на кралицата Елизабета Втора – почит кон починатиот монарх, се вели во официјалното соопштение.

По крунисувањето – забава

Утре, ден по крунисувањето, во замокот Виндзор ќе се одржи концерт. Се очекуваат големи ѕвезди како Лајонел Ричи, Кејти Пери и оперскиот пејач Андреа Бочели, кој ќе пее дует со велшкиот колега Сер Брин Терфел.

Британската поп група Тејк дет доаѓа со три свои члена – без Роби Вилијамс и Џејсон Оринџ – а доаѓа и пејачката и текстописец Фреја Ридингс и велшкиот соул композитор и продуцент Алексис Френч.

Покрај големите суперѕвезди, на сцената ќе има и таканаречен „Хор за крунисувањето“, кој е составен од локални хорови од целата земја што ќе настапат заедно. Овој „Хор за крунисувањето“ ќе пее и заедно со Виртуелниот хор, составен од пејачи од целиот Комонвелт.

Жолтата страна на церемонијата: Ќе дојде ли Хари?

По конфликтот со Бакингемската палата, најмладиот син на кралот Чарлс, принцот Хари, треба да смета на прилично студен пречек. Во секој случај, „загубениот син“ кој официјално го напушти кралското семејство потврди дека доаѓа.

Објавено е дека за време на церемонијата на крунисување тој нема да седи во првиот ред заедно со остатокот од кралското семејство, туку ќе мора да седи поназад.

Се верува дека Хари ќе се врати во Калифорнија кај своето семејство што е можно поскоро по церемонијата на крунисување за да го прослави четвртиот роденден на синот Арчи со Меган и децата.

06.05.2023 - 10:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега