ДИЦ: И без штрајк ќе постоеја вибер-групи и испитите немаше да се спроведат во големи простории

 

Изјавата на министерот во врска со причините за неполагање на државната матура во големи простории е лага. Впрочем, за матурата да се спроведува во сали или да се обезбедат блокатори (интернет и телефонските мрежи) во училиштата, вработените на ДИЦ се борат од спроведувањето на првата матура и досега не сме добиле дозвола за тоа, велат од ДИЦ

Обидот на министерот, односно на Министерството за образование, да ја префрлат одговорноста на вработените на Државниот испитен центар (ДИЦ) и на штрајкот за нерегуларностите во спроведувањето на полагањето на вториот екстерен испит е само избегнување на сопствената одговорност за настаните, реагираат од синдикатот на ДИЦ.

„Кога Синдикатот на СОДИЦ го стави штрајкот во мирување во интерес на учениците и одлучи дека ќе покаже практично што значи грижа за општественото добро со тоа што ќе ја реализира државната матура без оглед на тоа што од штрајкот добивме само празни ветувања, знаевме дека можеме професионално и навремено да ја завршиме нашата обврска. Тоа и го направивме. Ве известуваме дека изјавата на министерот во врска со причините за неполагање на државната матура во големи простории е лага. Впрочем, за матурата да се спроведува во сали или да се обезбедат блокатори (интернет и телефонските мрежи) во училиштата, вработените на ДИЦ се борат од спроведувањето на првата матура и досега не сме добиле дозвола за тоа“, велат од ДИЦ.

Оттаму нагласуваат дека и без штрајк ќе постоеле вибер-групи и испитите немало да се спроведат во големи простории.

„Затоа, министре, покажете доблест, но пред сè лична одговорност и не се кријте зад штрајкот“, повикаа од ДИЦ и потсетија дека штрајкот на СОДИЦ не е завршен, туку дека е во мирување.

12.06.2023 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега