Димитриевски: Лицата со попреченост секогаш ќе имаат поддршка од општината, тие заслужуваат да имаат легитимни претставници во сите сегменти

 

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска учествуваше на Панел дискусија „Политичко учество на лицата со попреченост“ во организација на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива.

Тој истакна дека денешниот панел поминал низ една квалитетна расправа, кадешто во Македонија треба многу да се работи за лицата со попреченост.

„Целта не е да се постигнат проценти, туку да се запази суштината, лицата со попреченост заслужуваат да имаат легитимни свои претставници во сите државни институции, првенствено таму кадешто се носат законските решенија, во законодавниот дом, во советите, извршната власт“, рече Димитриевски.

Димитриевски, верува дека се отворање и актуелизирање на оваа тема во општеството ќе има добитни места за лицата со попречености.

„Иако имало обиди, еве тргнувам од себе да анимираме лица дури и за носители на листи коишто не прифатија, мислам дека со тек на време што повеќе разговори, дискусија во јавноста ќе имаме поголеми резултати. Ги охрабрувам да продолжат, а секако од мене како градоначалник, од мојот тим и од општинските структури секогаш ќе има поддршка на сите вакви проекти. Финансираме поголем број на проекти како општина, и Дневниот центар „Порака наша“ и „Инклузива“ како организација и голем број на социјални трансфери, финансиска помош и нема да застанеме тука“, додаде Димитриевски.  

На дискусијата, лица со попреченост, претставници од политички партии, советници и невладини организации беа вклучени како говорници и учесници кадешто ги изразија своите мислења, ставови, размислувања и идеи за зголемување на учеството на лицата со попреченост во политичкиот живот.

Учеството на сите граѓани во општествените и политичките процеси е предуслов за градење на демократски систем во која било држава. Нашата држава е демократска земја, но исклученоста на една група граѓани од политичкиот живот укажува на фактот дека не се создадени услови за почитување на најважниот принцип во демократскиот систем - еднаквоста.

Вклучувањето во политичкиот живот на лицата со попреченост треба да биде еден од главните приоритети на политичките партии.

28.04.2023 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега