Донесена одлука за прием во градинки на деца кои примиле три дози ДиТеПер вакцина со задолжително примање ревакцина по шест месеци
Министерството за здравство информира дека министерот за здравство д-р Илир Демири, согласно препораките на Комисијата за заразни болести од состанокот одржан на 14.03.2024 година, донесе одлука со која се дозволува прием и престој во детски градинки на територијата на Република Северна Македонија, на деца кои по Catch-up календар ја комплетирале примовакцинацијата (три дози ДиТеПер вакцина), со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија. Одлуката денеска стапува на сила, а од понеделник ќе се применува.
Исто така, информираме дека ДиТеПер вакцините за возрасни се стигнати и граѓаните можат да се вакцинираат во вакциналните пунктови.
„Вакцините се безбедни и претставуваат најголемо достигнување на здравствениот систем. Апелираме до сите граѓани, особено до родителите на децата во предучилишна возраст да ги вакцинираат своите деца затоа што главен приоритет е нивната здравствена заштита. Вакциналните пунктови за имунизација работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца“, велат од Министерството за здравство.
15.03.2024 - 15:56
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа