ДУИ не му простува на Пендаровски - Османи кандидат за претседател
ДУИ ќе оди со свој кандидат за претседател на државата, а тоа најверојатно ќе биде шефот на дипломатијата, Бујар Османи, јавува „Слободен печат“ повикувајќи се на висок партиски функционер.
Интегративците му го свртеа грбот на владиниот партнер СДСМ за претседателските избори откако шефот на државата, Стево Пендаровски одби да го потпише указот за Законот за игри на среќа. Со ова пропаѓа идејата за консензуален кандидат за шеф на државата.
Според функционерот од ДУИ кој зборувал за „Слободен печат“, Пендаровски сам си ја затворил вратата за поддршка од ДУИ со непотпишувањето на указот за Законот.
ДУИ не може да помине преку одлуката на Пендаровски, а со тоа СДСМ не може да се надева на консензуална поддршка од владиниот партнер. ДУИ се лути зашто, како што велат, поддршка за Законот, лично од Пендаровски, на тет-а-тет средба побарал Ахмети. Законот е многу битен за ДУИ, бидејќи е изборно ветување и на него работеле две и пол години.
По пресвртот меѓу владините партнери, СДСМ и Пендаровски допрва ќе треба да пресечат дали повторно ќе трчаат заедно за втор претседателски мандат. Пендаровски најави дека во втората половина на февруари ќе обелодени дали ќе се кандидира, а неофицијално најверојатно прво ќе ја чека конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на 2 март и потоа ќе го каже ставот.
Инаку, Османи минатиот четврток не сакаше да потврди дали ќе се кандидира за шеф на државата. Рече дека партијата се уште нема разговарано за ова прашање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа