ДУИ: Полицајци Албанци со 20 години искуство не уживаат право на унапредување
Демократската Унија за Интеграција изрази загриженост за јавните изјави на Независниот полициски синдикат, кои, според партијата, потврдуваат една горчлива реалност: систематската дискриминација на албанските полицајци и неможноста за нивен напредок во полициската хиерархија.
„Според претставници на Синдикатот, и покрај тоа што многу албански службеници имаат над 20 години работно искуство и ги исполнуваат сите професионални услови, тие не уживаат право на унапредување. Во населените места со албанско мнозинство, раководното претставување е изедначено со македонското, додека во средини каде што Албанците се малцинство, речиси и не постојат во раководните структури. Ова е јасен пример за прекршување на принципот на правична и соодветна застапеност и дополнителен доказ дека оваа влада дејствува на етничка основа, спротивно на Уставот, Охридскиот договор и европските стандарди за еднаквост и инклузивност.
ДУИ оценува дека оваа постојана дискриминација не само што го поткопува моралот и мотивацијата на албанскиот кадар во полицијата, туку сериозно ја нарушува и довербата на албанските граѓани во државните институции“, соопшти ДУИ.
Партијата упати апел на сите надлежни институции итно да ги истражат овие дискриминаторски практики и да преземат конкретни мерки за обезбедување еднаквост во унапредувањата, вработувањата и одлучувањето во рамките на Министерството за внатрешни работи и пошироко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа