Египет ја отвори границата со Газа: Се пропуштаат странци и тешко повредени цивили

 

Копнената интервенција на Израелската армија во северниот дел од Газа продолжува со засилен интензитет. Израелците информираат дека веќе стигнале до почетокот на дел од подземните тунели во овој појас, и се водат жестоки борби со припадниците на Хамас.

Израелските одбранбени сили информираа дека изминативе три дена во борбите со палестинските воени организации загинале 9 израелски војници, а двајца се тешко повредени.

По нападите од Јеменските Хути пак, ноќеска било активирано и израелското воздухопловство, а во Црвеното Море се испратени ракетни чамци. Израелците информираа дека од почетокот на конфликтот биле погодени околу 11.000 локации и други мети поврзани со терористички групи.

Во последните напади врз палестински цели, една од ракетите на Израел го погоди и бегалскиот камп Џабалија, на северот на Појасот Газа, каде што според израелски и палестински извори, убиени се десетици луѓе.

Во меѓувреме продолжува доставата на хуманитарна помош од Египет во Газа преку преминот Рафа. Синоќа пак Египет, Израел и Хамас, со посредство на Катар и во координација со САД, постигнаа договор да им се дозволи на странските државјани и на некои тешко повредени цивили во Појасот Газа да ја напуштат областа.

Поради тоа, околу 80 амбулантни возила од Египет утрово пристигнаа на преминот Рафа на границата со Појасот Газа за да ги примат повредените Палестинци.

01.11.2023 - 13:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега