Ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски најави одговор на наводите за злоупотреби во Агенцијата

 

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски за утре најави, како што вели во куса објава на социјалните мрежи, аргументиран одговор во врска со наводите за злоупотреби што биле вршени во Агенцијата во периодот додека тој раководел со оваа институција.

„Денес е ден за славење, а од утре аргументиран одговор на наводите од брифинг во АНБ одржан деновиве…“, вели Димовски на Фејсбук, на денот кога се одбележува шестгодишнината од основањето на АНБ.  

Димовски беше првиот директор на АНБ, која беше основана по реформите на безбедносниот систем на државата. Со Агенцијата раководеше од нејзиното формирање во 2019 до 2022 година. Димовски беше заменет од Зарко Милошевски. 

Наводите, на кои Димовски најавува одговор, дојдоа во петокот кога беше објавено дека Агенцијата за национална безбедност доставила три известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување. 

Нив вечерва ги потврдија премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, кој на функцијата дојде пред нешто помалку од една година по промената на власта на ланските парламентарни избори. 

 И Мицкоски и Христовски не сакаа да навлегуваат во детали, бидејќи како што рекоа станува збор за документи кои се класифицирани како државна тајна, но и двајцата изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница, а одговорните ќе бидат казнети.    

„Двете агенции и Агенцијата за разузнавање и Аагенцијата за национална безбедност темелно се занимавале со, во тоа време, претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со новинари и со бизнисмени новинари. Така што еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите нормално во еден судски процес“, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на годишнината од основањето на АНБ. 

Директорот на АНБ, Христовски кажа дека Агенцијата во 2019 г. не била реформирана институција, туку повеќе станувало збор за фасада.  

Тој не сподели повеќе детали во врска иницираниот предмет, но рече дека и тоа како имаат индиции дека еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата ја злоупотребиле својата службена положба и дека за тоа е известено надлежното Јавно обвинителство. 

И тој, како и премиерот изрази надеж дека тие што ги направиле злоупотребите ќе одговараат за тоа. 

01.09.2025 - 22:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега