Филипче: Буџетот за 2025 година е наменет за партиско вработување
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, Венко Филипче, на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет, посочи дека Владата во Предлгот Буџетот за 2025 година ги намалува капиталните расходи во клучни сектори за сметка на зголемување на непродуктивните трошоци.
На комисиската расправа на Предлог Буџетот за 2025 година, Филипче порача дека новиот предлог Буџет е планиран за да се зголемува бројот на администрацијата со нови партиски вработувања, што јасно се гледа и во ставките во кои се зголемува и сумата за плати во Владата и дел од владините министерства и институции.
„Зошто се зголемува буџетот за плати во Влада од 383 милиони денари во 2024 година на 591 милиони денари во 2025 година? Ќе се вработуваат нови луѓе? Сакате партиските активисти да ги сместите? Или зошто за една третина се зголемува трошокот за плати во СОЗР, од 207 милиони денари во 2024 на 300 милиони денари во 2025 година? Исто е во Министерството за правда од 122 милиони денари во 2024 на 153 милиони денари во 2025? Исто е во Министерството за земјоделство, трошок за плати од 648 милиони денари во 2024 на 766 милиони денари во 2025 година? Во Министерството за транспорт и врски, зголемување на масата на плати од 167 на 247 милиони денари и стоките и услугите од 71 милиони денари на 115 милиони денари. Очигледно планирате добро да ја натоварите администрацијата со партиски војници додека седум години во опозиција ветувавте ефикасна и мала администрација“, нагласи Филипче.
Во однос на новите министерства, Филипче укажа дека тие со предлог Буџетот за 2025 година добиваат поголем буџет во споредба кога истите беа како функции во рамките на старите министерства.
„Ова ќе ги направи ли поефикасни? Ова е класична операција за зголемување на можностите за вработување на партиските кадри и ништо повеќе од тоа“, рече Филипче.
Наспроти ваквите непродуктивни трошоци, власта како што кажа Филипче ги намалува средствата за капитални инвестиции и не нуди нови инвестиции.
„Намалувате неверојатни 13,51% средства за општините во делот на инфраструктурни проекти. Единствените проекти кои ќе се реализираат се тие на СДСМ, додека Владата не понуди ништо свое, ништо ново“, порача Филипче и додаде дека СДСМ нема да гласа за Буџет со кој ќе се задолжува државата, ќе се товари со нови вработувања администрацијата, ќе троши на стоки и услуги, а за граѓаните ќе нема ништо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа