Филипче до Мицкоски: Не глуми загрижен политичар, тајно се договараше со трговците
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вечерва од Битола на премиерот Христијан Мицкоски кој денеска најави жестока акција на инспекторите во однос на трговците кои ги зголемиле цените на производите, му порача да не глуми загрижен политичар. Опозицискиот лидер го обвини премиерот дека тајно се договарал со трговците да ги покачат цените, а пред јавноста презентирал голема загриженост.
„По шест месеци Влада на ВМРО-ДПМНЕ се чуствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните. Сметките растат, цените растат, а Владата со измама се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага.
Реалноста е сосема друга од онаа која ни ја презентира Мицкоски. Граѓаните тоа најдобро го приметуваат кога ќе влезат во маркетите. Лажните кошнички за поевтини цени се трик на Мицкоски и трговците со што тие печалат на маката на луѓето.
Го слушам денеска вели срамота било тоа што го правеле трговците. Не господине Мицкоски, срамота е што вие дозволивте тоа да го прават и што тајно со нив се договарате, а во јавноста глумите загрижен политичар. Касно е да ја префрлате вината за овој дебакл и грабеж на трговците, одговорноста е само ваша.
Вечерва во Битола разговарав со членовите на СДСМ, сите ја делат загриженоста за лошите економски политики на Владата“, напиша Филипче на ФБ.
24.12.2024 - 19:16
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа