Фон дер Лајен во Киев: Тука сум повторно да ја уверам Украина дека цврсто стоиме до неа
Прашањето за европската интеграција на Украина, финансиската и воената поддршката од ЕУ за земјата, како и 12-от пакет санкции против Русија, ќе бидат главна тема на разговорите за време на денешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Киев.
– Секогаш имам цел пакет полн со теми за кои треба да разговараме. Започнуваме со прашањето за проширувањето, односно за барањето на Украина да стане членка на Европската Унија. Се продолжува на темата за финансиската и воената поддршка за Украина, но и за прашањата поврзани со 12-от пакет санкции, изјави Фон Дер Лајен.
Како што јави ДПА/ЕНР, таа нагласи дека секогаш кога патува во Украина има одредено чувство на тензија, што е разбирливо бидејќи земјата е воена зона, но и цврсто уверување дека носи охрабрување и поттик.
– Уште еднаш да ја увериме Украина дека цврсто стоиме покрај неа, додаде претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен истакна дека нејзиното денешно патување во Украина е во рамки на пакетот посети на земјите кандидати за членство во ЕУ пред објавувањето на најновиот извештајот за нивниот напредок на европскиот пат.
– Тоа традиционално го правам пред да го претставиме извештајот за проширувањето. Значи, ова е една од многуте работни посети што ги имав, додаде Фон дер Лајен.
Во објава на платформата Икс таа нагласи дека целта на нејзината шеста воена посета на Киев е да разговара и за финансиската поддршка на ЕУ за обнова на Украина како модерна и просперитетна демократија, но и за тоа „како да ја натераме Русија да плати за својата агресивна војна“.
По пристигнувањето во Киев, Фон дер Лајен имаше средба со вработени во Украинската железница, на кои им оддаде признание за нивната посветеност на работата во овие кризни времиња за Украина.
– Украина може да биде горда на своите железничари. Уште од почетокот на руската агресивна војна врз Украина, вие работите посветено во тешки услови, додаде Фон дер Лајен.
Според неа, благодарение на пожртвуваноста на украинските железничари беше можно движење на Украинците кон ЕУ и враќање во земјата, но и виталната испорака на жито и храна за целиот свет.
Таа истакна дека ова е нејзино шесто патување со воз во Украина и секогаш била сведок на професионалноста и посветеноста на железничарите.
– Со повторното поврзување на вашата земја и народ вие го одржувате животот, додаде Фон дер Лајен.
Според најавите, предвидено е Фон дер Лајен во Киев да има средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со премиерот Денис Шмихал, како и да се обрати пред пратениците во Врховната Рада. Таа, заедно со првата дама на Украина, Олена Зеленска ќе присуства на настан на донација на автобуси, а ќе посети и центар за заштита на децата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа