Рекорден број Македонци лани добиле германско државјанство
Бројот на македонски државјани кои добиле германско државјанство во 2024 година драстично е зголемен. Според официјалните податоци, вкупно 2.805 Македонци се натурализирале, што е четирипати повеќе во споредба со претходната година, кога нивниот број изнесувал 665.
Просечната возраст на новите германски државјани од Македонија е 30,8 години, а меѓу нив има и 560 малолетници. Според полот, 1.375 се мажи, а 1.430 жени.
Македонските државјани се дел од поширокиот тренд на зголемена натурализација на граѓани од Западен Балкан. Најмногу германски пасоши од регионот добиле државјани на Косово (7.480), следени од Србија (4.675), Босна и Херцеговина (3.905) и Албанија (3.115). Најмалку натурализирани се од Црна Гора — само 355 лица.
Во целина, најголем дел од новите германски граѓани се Сиријци, кои сочинуваат 28 отсто од вкупниот број на натурализирани — 83.150 лица. Значителни зголемувања се забележуваат и кај Русите, кои од 1.995 натурализирани во 2023, годинава се зголемиле на 12.980, како и кај Турците, чии натурализации се удвоиле и достигнале 22.525 лица.
Покрај тоа, високи бројки бележат и државјаните на Ирак (5 отсто) и Авганистан (3 отсто).
Зголемениот интерес за германско државјанство, особено од земјите на Балканот, се поврзува со новите законски олеснувања во Германија, кои овозможуваат побрза и пофлексибилна натурализација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа