ФОТО: Ардолд Шварценегер имал итна операција - актерот објави фотографија од болничкиот кревет
Холивудската ѕвезда и некогашен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, преку „Твитер“ откри дека пред неколку дена имал операција на срцето, но сега се чувствува фантастично. 73-годишниот глумец објави слика од болничкиот кревет од клиника во Кливленд и им се заблагодари на вработените во болницата што се грижеле за него.
„Имам нов аортен залисток заедно со мојот нов белодробен залисток од претходната операција. Се чувствувам фантастично и веќе шетам по улиците на Кливленд, и можам да се сликам со вашите интересни споменици“, напиша тој покрај сликите што ги објави на „Твитер“.
Актерот, кој е роден со срцева мана, беше подложен на итна операција на отворено срце во 2018 година, кога му беше заменет залистокот.
Шварценегер се прослави во 80-тите години од минатиот век со улогите во акциони филмови како „Терминатор“ и „Конан Варваринот“, но и во комедии. Во 2003 година, тој беше избран за гувернер на Калифорнија. По крајот на мандатот во 2011 година, тој се врати на филмовите, и се појави во „Платеници 2“ и во продолжението на „Терминатор“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа