ФОТО: Новак пристигна во Србија - први фотографии од тенисерот по слетувањето во Белград
Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, пристигна во Србија откако австралиските власти му наложија да ја напушти земјата по укинувањето на визата.
Новак околу 12 часот и 16 минути слетал на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, каде го дочекале неколку стотина навивачи и голем број претставници на медиумите. Сепак, тенисерот останал доследен на својата одлука да не се огласува сè додека не заврши Австралијан Опен, па ги заобиколил камерите и медиумите и го напуштил аеродромот, пренесува српски „Блиц“.
Првиот рекет на светот по исцрпувачките 11 дена борба и повеќечасовниот пат, без голема „прашина“ го напуштил белградскиот аеродром.
За потсетување, Ѓоковиќ беше депортиран од Австралија откако тамошните власти му ја укинаа визата поради тоа што не е имунизиран против коронавирус. Иако тенисерот имаше медицинско изземање од вакцинација, што начелно беше доволно за играње на турнирот, Австралијците на крајот не го прифатија тоа.
По првото одземање на визата, Новак успеа да ја собори одлуката пред судот, но потоа целиот случај отиде во рацете на Сојузниот суд кој едногласно ја потврди одлуката на министерот за имиграција, Алекс Хок, за поништување на визата на Ѓоковиќ. По големата правна борба, српскиот тенисер сепак не доби прилика да го брани тронот и да стигне до 10-от пехар во Мелбурн, односно до 21-от Гренд слем во кариерата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа