Зеленски ѝ понуди помош на Полска
Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со лидерите на Полска, Велика Британија, Италија и НАТО за новите закани од Русија по нападот со дронови врз Украина и Полска и ја нагласи потребата од заедничко дејствување за справување со новите закани, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на неговата изјава на Телеграм.
„Разговарав со полскиот премиер Доналд Туск, британскиот премиер Кир Стармер, италијанската премиерка Џорџија Мелони и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Секако, пред сè, разговаравме за руските дронови лансирани против Украина синоќа, кои исто така влегоа во полскиот воздушен простор“, рече тој.
Зеленски потсети дека инциденти со еден или два руски дрона веќе се случиле порано во земјите од источниот дел на НАТО, вклучително и во Романија пред неколку недели.
„Но, овој пат бројот на руски дронови беше многу поголем, дрскоста – многу поголема – дроновите влегоа не само од украинска територија, туку и од Белорусија. И сите ние разбираме дека ова е сосема различно ниво на ескалација од страна на Русија. Мора да има соодветен одговор“, нагласи тој.
Полскиот премиер Доналд Туск, пак, извести за веќе утврдените последици и околности, вклучително и фактот дека остатоци од руски дронови беа пронајдени во голем број градови и села.
„Од синоќа, нашата војска ги споделува сите информации што ги имаме и ја продолжуваме оваа соработка“, истакна украинскиот претседател. Според него, постојат неколку причини за таквото однесување од страна на Русија „и тие се апсолутно очигледни за сите“.
Зеленски додаде дека земјите треба да работат на заеднички систем за воздушна одбрана и да создадат ефикасен воздушен штит над Европа. „Украина го предлага ова долго време, а ние имаме конкретни решенија. Мораме заеднички да одговориме на сите актуелни предизвици и да бидеме подготвени за потенцијални закани за сите Европејци во иднина“, нагласи шефот на државата.
Тој додаде дека е потребно и заедничко и значително да се зголеми финансирањето за производство на дронови-пресретнувачи, „тие веќе ја докажаа својата ефикасност“.
Покрај тоа, Зеленски ѝ понуди на Полска помош, обука и експертиза за соборување на руски дронови, вклучително и од типот Шахед.
„Доналд и јас се согласивме за соодветна соработка на воено ниво. Исто така, ќе ги координираме нашите активности со сите земји-членки на НАТО“, истакна тој.
Како што е објавено, ноќта на 10 септември, полските сили соборија дронови кои постојано го нарушуваа полскиот воздушен простор. Премиерот Доналд Туск денеска на вонредна седница му рече на парламентот дека вкупно 19 дронови влегле во полскиот воздушен простор преку ноќ, пренесуваат украинските медиуми.
Зеленски претходно изјави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го информирала за заедничката работа со Соединетите Американски Држави за заострување на санкциите против Русија.
Зеленски напиша на „Х“ дека за време на разговорот со фон дер Лајен разговарале и за користењето на замрзнатите руски средства и поддршката за украинските деца.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа