Г. Петар: Гревовната состојба на човекот е причина за оддалечувањето од Бога
Гревовната состојба на човекот, е причина за оддалечувањето од Бога и тоа не се случува наеднаш, туку полека, како залезот на Сонцето, каде што светлината не исчезнува веднаш, туку постепено, и на крајот, сè што останува е темнина, истакна утрово митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
Во своето Божиќно послание, митрополитот г. Петар посочи дека учењето кое го понудил Христос е токму лекот за нашата нечовечност.
-Укажавме зошто Бог стана човек. Сега, да се запрашаме зошто, или поточно да констатираме, дека денешниот современ човек за жал ја губи и самата човечност. Со својот пад преку првиот грев, човекот го наруши хармоничниот однос со Бога и со својот ближен. Слободата која му беше дадена од Бога, ја злоупотреби и стана непослушен. Човекот стана себичен и со тоа ја покажа нечовечноста. Нечовечноста и неморалноста на денешниот современ човек се пројавуваат во неговите злодела, одобрувајќи ги гревовите како нешто нормално и разурнувајќи ги духовните вредности во животот човечки, истакна митрополитот г. Петар.
Митрополитот г. Петар и годинава не пропушти да ги осуди насилството, развратот, суровоста, бескрупулозноста, себичноста, манипулативните идеологии кои според него стануваат секојдневие, не само како поединечни дејства, туку како начин на човечкото живеење.
-Заради Божјата милост, секогаш постои пат за враќање. Учењето кое го понудил Христос е токму лекот за нашата нечовечност. Христовата понизност да стане човек и неговата жртва на Крстот е симбол на најголемото добро и на најголемата љубов која ги надминува сите човечки слабости и нечовечни дела, нагласи митрополитот г. Петар.
Според востановената традиција митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар утре во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола ќе одржи утринска Божикна богослужба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа