Галески: Сигурно е само дека Македонија ќе биде повторно твоја

„Како одговорен за Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и за кампањата, се чуствувам повикан да одговорам на сите оние прозивки кои во последно време доаѓаат од ДУИ и Бујар Османи дека кампањата и слоганот биле шовинистички, или пак оние од СДСМ дека Македонија повторно твоја, значело враќање на некаков режим... И сочекав да видам дали е ова најдоброто што можат да го произведат, но очигледно, тоа е единственото нешто што и можеа да го кажат, во отсуство на реален наратив“, пишува директорот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Луке Галески во отвореното писмо во јавноста.

Во него наведува дека тврдењата на Бујар Османи од ДУИ, дека ВМРО-ДПМНЕ има шовинистички слоган потекнувале пред сè поради различното поимање и гледање на Македонија. Галески во писмото додава дека Османи на Македонија гледал како на туѓо ткиво, како што пишува, „терајќи етноцентрична агенда која гледаме дека завршува во милионски грабеж грубо злоупотребувајќи ја судбината и на Албанците и на Македонците“.

„А ние на Македонија гледаме како на наше единствено парче земја, едно исто небо, кое ги обединува сите луѓе што живеат во неа. И практично, Македонија повторно твоја е огледалото на неговата немоќ да се спротивстави на концептот кој го надминува она што досега го претставуваше ДУИ, партија која ја монополизираше темата, но и ја киднапира слободата да се говори за правата на Албанците од еден поинаков неполитички и чисто граѓански апсект, ним многу поважен. Затоа што, на крајот кога ќе се сведат сметките, не е важно колку Артан или Бујар ќе повторат ЕУ, ЕУ, туку колку ќе може народот да си ги плати сметките и да обезбеди пристојна живечка за своите семејства“, стои во писмото до јавноста.

„И ќе треба да им објаснат на Албанците како е можно тие да живеат со 200 денари на ден, а Артан и Бујар со по 2000 евра на ден. И колку да ја продуцираат темата на поделба на граѓанското ткиво и да јаваат на бранот на Македонци и Албанци, на западна и источна Македонија, на лев и десен брег на Вардар во Скопје, иако звучи клише, тие зборови ја потврдуваат вистината и овој пат дека нема ваша и наша, нема сдсмовска, вмровска, има само една Македонија.

И освен граѓаните ја злоупотребија и довербата на партнерите на државата кои и мислат добро на земјава, затоа што тоа е и систем на вредности и начин на живот, каков ние немаме и како оваа власт во заминување нема ниту намера да има и да застапува. Тоа го бараат и граѓаните. Власта кога ќе каже ЕУ, мисли на завеса со која го покрива срамот од криминалот, ние кога ќе кажеме ЕУ мислиме на вредности за кои ќе се бориме со аргументи и работа“, пишува Галевски.

Меѓудругото, се осврнува и на тврдењата на СДСМ, за наводно повторно враќање на режимот. 

„Што се однесува до тврдењата на СДСМ за наводно повторно враќање на режимот, за некакви си епски битки и отпор на СДСМ, од кои на крајот се сеќавањата за протестите за заштита на пеперутките во Пештани, кога денес молчат за Онкологија, а тогаш кога протестираа за кучето Идриз, кога денес молчат за 14 живи изгорени во модуларната болница во Тетово, Венко им е визионерот и најдобриот избор во 4та ИЕ, а тогаш протестираа за малечката Тамара, и тогаш кога славеа за укинатата радиодифузна такса, а денес кога си подмолчуваат за двоцифрената инфлација. И тогаш кога велеа дека ја бранеле слободата, а денес кога отворено се караат и се пресметуваат со медиуми и новинари... таквото лицемиерие секој ден одново им се удира од глава.

Исто како што е лицемерие да се говори за режим, а толку гласно, ревносно, со воодушевување и изразена насмевка на лицето како стрип јунак од Монти Пајтон, Ковачевски аплаудираше на отворањето на новата зграда на Стариот Театар. Исто како што е вештачка и неприродна наметнатата амнезија дека ДУИ, денес најдобриот партнер на СДСМ, тогаш беа власт во тој период и се дел од сите одлуки врз кои денес го градат тој мит. И на крајот, ставовите за борба против некаков режим, седум години потоа, се тотално ирелевантни, затоа што вистинското и суштинско прашање е како се живее денес. Проблемот е што денес 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден, системот што е создаден да служи на народот, служи на стотина луѓе од власта.

И го немате правото за да говорите за слобода и демократија, затоа што во времињата кога најмногу говоревте за правда и право, тогаш најмногу крадевте и во исто време ја газевте правдата. Затоа што го посеавте семето на злото, и тоа во моментите кога малтретиравте стотина луѓе по судови, кога внесувавте прво во пртивори, а дури потоа измислувавте обвиненија, и кога главните ликови на криминалот се нечепнати, а лисиците на обични граѓани го викавте „еве дојде живтот“. И за себе ја задоволувавте суетата, а го храневте гневот кај сите останати кога малтретиравте луѓе со милион истраги од кои не произлезе ништо, и тогаш кога се удиравте во гради дека ќе ја згаснете ВМРО, а вашите апологети безобѕирно го хранеа вашето его ситејќи се над туѓите несреќи. Прашајте ги и тие луѓе од медиумите кои ги малтретиравте со истраги и обвиненија, кои ги етикетиравте и бесрамно жигосувавте, а и тие кои тогаш силно ве поддржуваа дали ги направивте вистински среќни или по малку направивте да се срамат од вас. Да не зборувам оние кои пак грубо и денес ги злоупотребивте и на кои гледате како на производна машина за лажни вести од вашиот штаб.

Затоа и жестоко ќе изгубите. 

И тој револт на народот нема да биде само поради купувањето на Соравија од голобрадо дете, или поради делењето на шамарите во контролата на летањето. Ова се само последните скандали во редицата скандали и криминали поради кои ќе паднете. А имаше безбројно многу. Револтот е и поради името, и поради договорот со Бугарија, и поради модуларната болница, и поради тендерите во РЕК, фалсификуваните пасоши, поради крвавите раце на министрите во здравството... Сметката е отворена, а наплата се собира“, стои во писмото на Галевски од ВМРО-ДПМНЕ напишано до јавноста.

 

 

06.05.2024 - 10:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега