Герасимовски: Тој што критикува имал 3,5 години да го смени ДУП-от за Треска

 

Зошто некој донел Мораториум и не го подобрил ДУП за Треска и потрошил 3,5 години без да најде подобро урбанистичко решение“, праша градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во утринска на Телма. Герасимовски ги искритикува дел од Советниците во општинскиот совет кои обвинуваат за бетонизација на просторот на поранешната фабрика Треска.

„Во тие 3 години кога бил активен Мораториумот, една од тие советнички била претседавач на Совет, зошто 3,5 години не го смениле ДУП-от. Јас лично прашувам, зошто не е сменет ДУП-от и на Водно, знаете како викаат тој бил усогласен со ГУП-от. Не е вистина, не е усогласен затоа сега е укинат од страна на Уставниот суд. Ако се сеќавате пред 6 -7 месеци најдовме начин да не го оштетиме општинскиот буџет и да ги стопираме оние 8 парцели коишто се на Водно. Најдовме начин преку Совет ги стопиравме, зошто некој не го направил тоа во тие 3,5 години за Треска кога имало Мораториум. Што работеле, оделе по службени патишта, користеле службени автомобили? Наместо промена на ДУП, спроведени биле идејни решенија кои не се ниту прво наградени, од второ место па надоле се. И сега бараат нив да ги спроведеме. Како, кога и тие отстапуваат од параметрите на важечкиот ДУП“, рече Герасимовски.

Според него, сегашните гласноговорници за Треска наместо законска процедура за урбанизирање во време на Мораториум преку промена на ДУП трошеле општински средства за идејни конкурсни решенија кои не може да бидат применети.

„И јас велам за делот на Треска ДУП-от не е идеален и треба подобро решение, но да не ги лажеме и манипулираме граѓаните дека тие идејни решенија може да се применат. Има важечки ДУП и тој е на ниво на закон, како можеме, кој може да го стопира, си има законски процедури за негова промена. Тоа е процедура минимум 2 години, 18 месеци е законски ама тие не го направиле тоа во тие 3,5 години и сега зошто не се применат идејните. Има одредени општини кои сега плаќаат пенали заради нереализации зар треба да ги користиме парите на граѓаните за казни или треба со истите средства да реализираме одредени проекти коишто се за јавно добро и за добро на општината“, вели Герасимовски.

Герасимовски во Телна потенцираше и дека уште во првата година од мандатот го раскинал договорот со планерската куќа со цел да се почне носење на нов ДУП. Од градот Скопје побарано е преку регулација да се измени само дел од ДУП-от Буњаковец 1 и 2 каде што спаѓа Треска за да може да се регулира само тој простор. Сега градот преку советниците треба да дозволи Општина Центар да ја спроведе таа регулација. Герасимовски исто така потсети дека станува збор за земјиште во приватна сопственост, односно барања по кои општината со закон е обврзана да постапува.

24.04.2023 - 11:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега