Претседателката од Крушево: Македонската држава не е стебло без корен, таа е вкоренета во демократските и хумани визии на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.
Таа ја истакна вековната македонска борба за самостојна и суверена држава чии темелни вредности и принципи се запишани во Крушевскиот Манифест како Magna Carta Libertatum.
За неа, легалноста и легитимноста на самостојната и независна Република Македонија од 1991 година, како израз на правото на самоопределување, е неспорна.
Претседателката ја реафирмираше решеноста до 2030 година да стигнеме до целта, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми.
На овој празник над празниците се потсетуваме на вековната македонска борба за самостојна и суверена држава. Нејзините темелни вредности и принципи, со крв се запишани во возвишената Magna Carta Libertatum ̶ Крушевскиот манифест: слобода или смрт, правда, еднаквост и соживот Тука, на Мечкин Камен, за нив се жртвувале Питу Гули и неговите соборци, задолжувајќи ги сите следни македонски генерации на вечна благодарност, овековечена во химната пред којашто со почит стоиме и денес!, порача денеска од говорницата претседателката Силјановска Давкова
Таа вели дека веројатно, нема човек кој не се запрашал: Како безвременските републикански идеали се нашле во нашиот манифест? Каде се корените на Илинденското востание и на нашата Крушевска Република?
„Ќе потсетам . Во 1834-тата година, италијанскиот револуционер Џузепе Мацини на група млади, прогресивни интелектуалци им ја претстави визијата за Европа на народите, наместо на династиите. Преку тајното здружение „Млада Европа“ имале намера да ги мобилизираат реформските европски сили со една основна цел: да ги срушат старите режими на реакционерните царства и монархии и да изградат нов, поправеден европски поредок на слободни, демократски републики на рамноправни граѓани, наместо на поданици, со гарантирани човекови права и слободи, наместо со наследни привилегии. „Млада Европа“ посакувала да всади верба во правото на самоопределување и да им помогне на потчинетите европски народи од Балтикот до Балканот да се ослободат од трулите системи и да зачекорат во републиканско државно управување.
Со Мацини, како предвесник и двигател, започнала пролетта на европските народи. Како голем непријател на агресивниот асимилаторски национализам, тој бил поборник на републиканскиот интегративен патриотизам. Нацијата ја разбирал како демократска заедница на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро. За него, основната функција на државата не е да го штити привилегираниот статус на малкумина, туку рамноправноста на сите, независно од припадноста.
Мацини не е познат само како промотор и бранител на новата епоха на демократски држави – нации, туку и како пламен иницијатор и заговорник на создавањето Соединети Европски Држави со принципиелна надворешна политика, чијшто основен белег е мирното решавање на споровите“, порача претседателката.
Таа дополни дека денес, неговите идеи се општоприфатени, но во неговото време, биле сметани за опасни и еретички. Иако затворан и прогонуван, Мацини постојано ги потсетувал народите:„Вие сте вистинските господари на вашата земја. Вие сте единствените толкувачи на вашиот начин на живот“. Старите режими попусто се обидувале да ги заведат или заплашат масите, заради заштита на своите позиции. Времето на старите режими заминувало.
Кон незапирливиот марш на европските народи кон слобода се приклучиле и македонските револуционери, предводени од човекот чиешто име и дело се вечна и неисцрпна македонска инспирација - Гоце Делчев.
Иако се родил само два месеца пред смртта на Мацини, Делчев израснал во човек - горостас, еден од најдоследните продолжувачи на неговите идеи. Како учител во штипско Ново Село, Гоце со страст им зборувал на своите ученици и сонародници за делото на Мацини, за неговата краткотрајна Римска Република од револуционерната 1848 и за идната Париска комуна од 1871. Толку бил понесен од идеалите на „Млада Европа“ што своите италијански пријатели, преку кои ги вооружувал македонските востаници, ги поздравувал со извикот: „Viva Garibaldi, viva Mazzini!“
И Делчев и Мацини непоколебливо верувале дека народот може да се ослободи само со сопствени сили, преку свое, внатрешно востание, без надворешни мешања. Делчев не посакувал и не верувал во востание со луѓе, кои ќе го напуштат при првиот неуспех, туку во револуција од граѓани, кадарни да се справат со сите предизвици и искушенија на една тешка и долготрајна борба, каква што очекувал.
Како што Мацини ја крстосувал Европа, ширејќи ја идејата за демократски републики, така и Делчев ја крстосувал својата татковина ширум и попреку, подготвувајќи го народот за востание и за македонска република.
И, конечно, како што Мацини сонувал за Европска федерација на републиките, така и македонските дејци: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Анастас Коцарев и Димитрија Чуповски, се залагале за Балканска федерација на републиките.
Токму затоа, Михаил Герџиков, еден од најблиските Гоцеви соработници, посведочил дека „за македонското револуционерно дело, Гоце Делчев беше тоа што Левски беше за бугарскиот, а Мацини за италијанскиот народ“. Делчев, како трибун на народот и за народот, успеал да ја рашири меѓу народот моќната автентична идеја за слободна македонска република, порача претседателката.
Во мај 1903-тата година, непосредно по Гоцевата смрт, Никола Карев дал интервју за грчкиот весник „Акрополис“. Прашан што всушност сакаат македонските револуционери, отсечно одговорил: „сакаме Република“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа