Гир: Не треба да се очекуваат нови гаранции за во ЕУ
Не треба да се очекуваат нови договори, гаранции или ветувања што се однесува до процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ова е пораката на евроамбасадорот, Дејвид Гир, во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за цврсти гаранции од ЕУ дека барањето за внесување на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање. Тој на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јуни побара и гаранција за македонскиот идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик и оваа точка да биде ставена на дневен ред на Европскиот совет.
Гир денеска, по потпишувањето договор за изградба на Европска куќа во Струга одговарајќи на новинарско прашање да е можно да се реализира ваквото барање на опозицијата рече дека македонскиот јазик е веќе во Преговарачката рамка без никакви квалификации.
„На патот кон ЕУ не се губи националниот идентитет, јазикот и културата. И секако македонскиот јазик веќе е во рамката за преговарања без никакви квалификации. Што се однесува до очекувањата не верувам дека може да има подобар договор со Бугарија, од тоа што беше договорено лани“, рече Гир. Повикувајќи се на искуството со другите земји, Гир вели дека фокусот треба да се стави на реформите и промените што треба да се случуваат. „Со тоа вашиот идентитет, како и идентитетот на земјата се зајакнува“, дециден е евроамбасадорот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа