Голема е симболиката на црвеното вапсано јајце: Тоа е крвта на распнатиот Исус кој маченички умира за спас на душите на луѓето
Пред изгресонце изутрината се вапсаа велигденските јајца. Според традициите првото е Господово, другото за домаќинот, третото за среќа и бериќет во семејството. Оставени беа пред прозорецот, да ги огреат првите сончеви зраци.
Членките на здружението „Преродба“ од Прилеп ги негуваат традициите и адетите и објаснуваат дека е битно да се зачуваат како вредности.
Како што објаснува прилепчанката Илче Илиоска, голема е симболиката на црвеното вапсано јајце.
-Пред изгрејсонце кога домаќинката почна да ги вапсува јајцата, таа треба да биде гладна за да се задржи магичноста на велигденското јајце. Се верува дека првото црвено јајце останува трајно, не се расипува, тоа е Господово. Трајно е како што е трајно Христијанството. Првите јајца ги вапсала Марија Магдалена, а црвената боја е крвта на распнатиот Исус Христос кој маченички умира за спас на нашите души и воскреснува да ни го донесе спасението, објаснува Илиоска.
Ленче Спиркоска напоменува дека со црвеното јајце, денеска на Величетврток се капат децата, а се знаат адетите во деновите од страсната недела до најрадониот празник, Велигден.
– Кога децата ќе се разбудат, ги капиме и со црвеното јајце им поминуваме по лицето, велејќи: џрвено, здраво, весело. Тоа е радост за нив. Така правеле нашите баби и мајки, така ние им покажуваме на децата. Сакаме да си ги зачуваме традициите. Утре, Велипеток, е најтажниот и најтешкиот ден. Ја оплакуваме смртта на Исус Христос. Одиме в црква, потоа бдееме. В сабота може нешто да се сработи, полесно, а вечерта, на полноќ сме пред црква да го пречекаме Воскресението Христово. Тоа е најрадосниот момент. В недела, на Велигден имаме богати традции во Прилеп. Децата, облечени во ново, со родителите одат кај роднините и пријателите по велигденско јајце. Ќе се собереме за ручек, на трпезата на која има од сѐ по нешто, објаснува Спиркоска додавајќи дека редовно вапсува најмногу црвени јајца, но и шарени, украсени за радост на децата, на внучињата.
Спиркоска сака да се собере семејството, ама има ќерка во Австралија, каде, вели многу се одржуваат традициите и адетите, што и е посебно драго.Лилјана Ѓорѓиеска, претседателка на здружението „Преродба“ од Прилеп ја нагласува целта за негувањето на традиционалните адети за сите празници, посебно за Велигден. Вели се загубиле вредностите и сака да се вратат.
– Нашата основна цел е да им покажеме на новите генерации дека не се откажуваме од традиционалните вредности кои, за жал, во овие тешки времиња, се загубија. А поврзаноста, почитувањето, простувањето и љубовта мора да ги има. Тоа е основата на нашето постоење. Настојуваме да ги вратиме и да ги задржиме, вели Ѓорѓиеска.
Вапсаните велигденски јајца за прилечанките од здружението „Преродба“ остануваат како симбол на чувањето на традиционалните вредности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа