Грозданов: Дали сме заложници на лажни граѓански активисти?


Бакарот е металот на иднината, пишува во својата последна колумна аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов. Тој нагласи дека ако во овој момент има брутален раст на цените на бакарот на светските берзи, оние кои се занимаваат со макроекономија и трговија на обоени метали предвидуваат минимум 2.5 пати поголема цена во наредните 15 години. Грозданов додава дека бакарот се користи во сите индустрии и неговата побарувачка е енормна, но понудата стагнира и дури опаѓа, исклучиво поради немањето слух за инвестиции во последните 20 години во нови рудници за бакар. Според него, за да има нови рудници на бакар технологијата се развива многу брзо, но народот нема време и нема информации дека оваа технологија, како што пишува, оди заедно во чекор со заштита на животната средина и дека новата технологија прави огромен баланс меѓу човековите потреби на глобално, но и на локално ниво.

-За волја на вистината за комплетна индустријализација првпат слушнав во периодот кога бев директор на асоцијација на сите радија и ТВ станици. Тогаш од еден политичар и тогашен голем газда слушав предавање дека без рударство и индустријализација нема развој на економијата, а со тоа нема слободни и финансиско одржливи медиуми. Не го пишувам ова случајно. Денес Македонија како членка на најголемиот безбедносна чадор организација НАТО се соочува со две прашања: Зошто да не дозволиме на странски економски џинови да инвестираат во рудници за бакар кога имаме точни информации за наоѓалишта кои имаат за македонски и светски услови доволни количини на овој преубав обоен метал за развој на македонската економија? Дали сме заложници на лажни граѓански активисти кои самите се нарекуваат екологисти (научната доктрина не препознава таква професија доколку истата не е поврзана со научна проценка на технолошките процеси во индустријата)?, прашува Грозданов.

Аналитичарот смета дека одговорите се многу едноставни и се кријат во интервјуто на еден од, како што вели, таканаречените екологисти. Според Грозданов, преку поведението на Костадин Ристоманов и тезите кои тој ги испраќа во јавноста, може да се добие генерална слика за тоа во каков свет живеат овие самонаречени екологисти.

-Значи, кога советник во Општина, народен избраник, како што е Ристоманов, во пресрет на избори ќе има средба со претставници на ОБСЕ и истата демонстративно ќе ја напушти затоа што добива впечаток дека наводно му се заканувале по живот заради неговиот отпор против рудникот Иловица, тогаш можеме да дојдеме до заклучок дека овој господин можеби добива напади на параноја бидејќи потсвесно знае дека зад неговиот еко активизам се кријат неискрени намери или намерно сака да се претстави како жртва. Замислете, ОБСЕ, институција која е задолжена да се грижи за безбедност, едвај дочекала шанса да му се заканува на еден еко активист! Па добро, има ли смисла до таму да се конфабулира? Зарем навистина веруваат дека постои светска завера против нив кои се противат на изградбата на рудникот Иловица?

Значи, равенката е едноставна. Ако до 31.12.2024 нема придвижување во реализација на административните процедури за почеток на инвестицијата во рудникот Иловица, следува меѓународна арбитража, тешка милијарди евра. Дали има или нема правен основ како што тврдат лажните еко активисти, ќе има мегдан истите да се објаснуваат. 

И за Казандол некој тврдеше дека ќе поминеме лесно, па еве најавата е дека штетата ќе биде 450 милиони евра за сите даночни обврзници, заклучува Грозданов.

30.05.2024 - 13:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега