Хамас се закани дека ќе го повтори нападот од 7 октомври сè додека не го уништи Израел
Гази Хамад, член на политичкото биро на Хамас, во интервју за либанска телевизија изјави дека терористичката група ќе го повторува нападот од 7 октомври постојано додека Израел не биде уништен.
– Израел е земја за која нема место на нашата земја, изјави Хамад во интервју за ТВ мрежата ЛБЦ на 24 октомври, што денеска го објави МЕМРИ.
– Мораме да го отстраниме бидејќи тоа претставува безбедносна, воена и политичка катастрофа за арапската и исламската нација. Не се срамиме да го кажеме ова, додаде тој.
Дел од интервјуто денеска на X сподели британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.
Во интервјуто, Хамад вели дека Израел мора да биде избришан од сите „палестински земји“, т.е. мора да биде целосно уништен, тврдејќи дека неговото постоење е „нелогично“.
– Мораме да му одржиме лекција на Израел и тоа ќе го направиме двапати и три пати. Потопот Ал Акса (името што Хамас го даде на својот напад на 7 октомври) е само првиот пат, продолжува Хамад. „Дали ќе треба да платиме цена? Да, и ние сме подготвени да ја платиме. Ние се нарекуваме народ на маченици и горди сме што жртвуваме маченици“.
Функционерот на Хамас рече дека групата немала намера да им наштети на цивилите, но имало „компликации“ на теренот.
– Ние сме жртви на окупацијата. Точка. Затоа, никој не треба да не обвинува за работите што ги правиме. На 7 октомври, 10 октомври, еден милион октомври, сè што правиме е оправдано, рече Хамад.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа